СДСМ: Мицкоски да каже што договарал со бугарските здруженија во Македонија?


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски, да објасни што договарал со бугарските здруженија во државава, наместо да се крие зад соопштенија од белиот дворец, повикаа од СДСМ реагирајќи на нападите од опозициската партија.

-Наместо од белиот дворец секојдневно да пласираат лаги и невистини, Христијан Мицкоски треба да излезе и да објасни што договарал со претседателите и основачите на бугарските здруженија и клубови во државава.Основачите на клубот „Ванчо Михајлов“ имаат објавено бројни фотографии каде се во друштво на Мицкоски и високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Деновиве, во јавноста се појавија и фотографии каде Мицкоски во еден манастир е сликан со претседателот на здружението „Цар Борис Трети“.Што била целта на овие средби и што договарал Мицкоски, тоа треба да каже тој самиот, наместо да се крие зад соопштенија од белиот дворец.

Владата предводена од СДСМ по прашањето со Бугарија постапува сериозно и одговорно, заштитувајќи ги црвените линии поставени со Резолуцијата усвоена во Собранието.Ниту за Гоце Делчев, ниту за јазикот, ниту за македонската посебност, нема и нема да има какви било преговори. Македонскиот идентитет денеска е меѓународно потврден и загарантиран, а ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми патриотизам и да ги лаже и вознемирува граѓаните, порачаа од СДСМ.