СДСМ ќе поднесе кривична пријава за „морбидната кампања“ на ВМРО-ДПМНЕ
Веб страницата на која се повикува ВМРО-ДПМНЕ била пуштена две минути пред прес конференцијата на портпаролот Валентин Манасиевски

СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава за „морбидната кампања“ на ВМРО-ДПМНЕ во која тврди дека сајт зад кој стои оваа опозициска партија објавил фотографија од премиерот напрскан со крв и тврдејќи дека се повикува на негово убиство.
-Патетеична и разочарувачка е кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои се обидуваат да се претстават како жртви во јавноста.Ваквиот обид само ја покажува слабоста на оваа власт, која ниту има проекти, ниту пак нуди политики – се што понудија досега се лаги, манипулации и гола реторика. И секаде се фатени. Секоја лага им излезе на површина, затоа сега им останува само да се претстават како жртви.
Најновата измислица на Мицкоски и ДПМНЕ денес е сеењето на магла дека некој барал „убиство на Мицкоски“. Имено, веб страницата www.ubijcitenakocani.com е направена на 16.9.2025 и пополнета со содржина непосредно пред прес-конференцијата на партискиот портпарол, односно во 11 часот и 58 минути. Прашувме, дали ова не е доказ дека истата е направена за нивните морбидни ПР потреби? Пред прес-конференцијата, вебстранцата не постоеше, ниту пак некој ја имаше видено.
Оттука, бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извинат за искажаните лаги и обидот за манипулации, бараме од институциите веднаш да ја проверат сопственоста на интернет страницата. СДСМ ќе поднесе кривична пријава за пронаоѓање и казнување на креаторите на оваа морбидна кампања. СДСМ бара итно извинување од ВМРО-ДПМНЕ во спротив ќе поднесе тужба за клевета.
Апелираме до Мицкоски и ДПМНЕ да ги остават да почиваат во мир жртвите од Кочани. Апелираме до Мицкоски да престане со овој морбиден ПР кој ги вознемирува семејствата на загинатите и повредените, порачаа од СДСМ.
И покрај ваквата јасна ограда од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со соопштение во кое тврдат дека наместо Филипче и блиските структури до него, да се занимаваат со проекти, „тие се занимаваат со подметнување на пожари и повици за убиство на премиер, министер за внатрешни и директор на јавна безбедност“.
-Итно Филипче да се огради од овие фотомонтажи, инаку се потврдува тезата дека тој лично стои позади ова, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ без да кажат колку пати треба да се огради.