СДСМ: Какво лицемерие од Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ го лустрираше Славко Јаневски, а сега тој рецитира песна од него


Владејачката СДСМ денеска го обвини Христијан Мицкоски дека е лицемерен поради тоа што на митингот пред Владата ги цитираше почетните стихови од песната на Славно Јаневски „Цветови“. Според социјалдемократите, недолично и дрско е што Мицкоски сега се повикува на Славко Јаневски, а неговата партија пред повеќе години „срамно го лустрираше“.

„Откако ги навреди граѓаните и кажа дека Македонците се хистеричен народ, Мицкоски сега се обидува да им препише и амнезија. Мицкоски денеска бесрамно и дрско го цитираше великанот Славко Јаневски, чија лустрација партијата на Мицкоски во 2013 година ја нарача и поддржа!  

Процесот на лустрација кој ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребуваше за пресметка со неистомисленици и обезвреднување на еден историски период, го зафати и Славко Јаневски, авторот на првиот роман напишан на стандарден македонски јазик.

За лустраторите кои работеа по нарачка на менторот на Мицкоски, Никола Груевски, не беа важни ликот и делото на починатиот Јаневски за да го прогласат за полициски информатор на тајни југословенски служи, без да го има основното човеково право да се одбрани“, велат од СДСМ.

Оттаму нагласуваат дека е „дрскост на Мицкоски да ги изговара стиховите на Јаневски еден од основоположниците на современата македонска книжевност, откако со неговото ВМРО-ДПМНЕ му нанесоа толку голема неправда и болка на неговото семејство.

Мицкоски е осамен во неговата хистерија, во сопствениот очај, дефинитивно е без срам и перде и должи извинување и на македонскиот народот и на семејството на Славко Јаневски“, велат од СДСМ.