СДСМ: Каква врска има дата-центарот со Реформската агенда?


СДСМ реагира на тврдењето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков дека  националниот дата-центар бил обврска од Реформската агенда со ЕУ.
 
-За кредибилитетот на Лефков нема потреба да трошиме ниту збор. Но, ова е уште една класична манипулација.Реформската агенда требаше да биде завршена до 1 јуни – како што самиот Мицкоски вети.Наместо да ги испорачаат ветените реформи, сега измислуваат дата-центар и го ставаат под капата на „европска обврска“.Што има заедничко националниот дата-центар (за чување на податоци на државните институции) со дата-центарот што Мицкоски го најавува за некој странски инвеститор, со огромна потрошувачка на струја и вода?Апсолутно ништо.
 
Станува збор за две сосема различни работи. ВМРО-ОКГ толку многу лаже и свесно ги манипулира граѓаните за да ги збуни и да ја прикрие вистинската намера – ресурсите на државата да ги стави во функција на приватни интереси.
 
Ова е спин.Ова е обид да се оправда нешто што нема никаква врска со европската агенда, туку со тендерски апетити. Зошто постојано мешаат јавни обврски со приватни дата-центри за инвеститори?- прашуваат од СДСМ.
Претходно Лефков оцени дека СДСМ и Венко Филипче секојдневно критикуваат кога е во прашање развој на индустријата поврзана со дата центри, но тоа е иднината и таа индустрија  се развива во светот.  

„Македонија веќе има дата цента во Прилеп.  Но, тој не е основен, туку секундарен што значи во случај на евентуален сајбер напад на системот на поединечна институција, таму се чуваат податоците кај секундарниот. Сега секоја институција наоѓа начин како ќе ги чува своите податоци. Затоа на Македонија и треба основен, примарен, национален дата систем за чување на сите податоци од сите институции.  

Македонија како држава има проект во делот на реформската агенда со ЕУ за изградба на национален дата центар. Притоа ЕУ обезбедува финансии и финансиска помош, а Македонија има обврска да изгради основен, примарен национален дата центар.Ова е начин да се заштитат податоците на државните институции од евентуални сајбер напади, односно податоците да бидат сигурни.

Ова е тоа за што СДС се противи, а само да потсетиме во време на нивната влада имаше напад на системот на ФЗО и граѓаните не можеа да ги остварат своите права, не можеше да се исплаќа породилно, да се прави поврат на средства за лекови и слично.Оттука евидентно е дека СДС се противи на развој на индустрија која значи заштита на лични податоци на секој поединец, заштита на државни податоци, тврдеше Лефков.