„Скандалозна и комична“: СДСМ за изјавата на Јаневска дека децата ќе учат странски јазици од серии
Министерката за образование учењето на странските јазици на децата им го прeпушта на телевизиските серии. Учебници ќе има догодина
„ДПМНЕ и министерката Јаневска по само два месеци откако ја презедаа власта, потврдија дека образованието за нив воопшто нема да биде приоритет. Министерката Јаневска вчера во скандалозна изјава рече дека учебници по странски јазик нема да има, но тоа не е проблем затоа што учениците учеле од серии. Тажно е што ДПМНЕ постави министерка за образование, која внимавајте, смета дека било важно децата само да разбираат странски јазик, а не да учат граматика, заменки и именки“, рече Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Николова додаде:
„Покрај оваа крајно скандалозна и комична изјава во исто време, Јаневска потврди дека статусот на просветните работници за ДПМНЕ не е важен. Потврди дека примањата и платите на образовните работници нема да се зголемуваат, како што тоа беше во времето на СДСМ. Ако биде се добро со растот на економијата, тие може да се надеваат на покачување дури во март. Ова се политиките кои го уништија образованието и го срозаа достоинството на наставниците, а сега ДПМНЕ ги враќа на голема врата“.
Јаневска ден претходно оцени дека поентата е децата да разбираат други јазици, а не да учат граматика.
„Учебници за странски јазици ќе има, но догодина, и нема да има печатен, хартиен материјал за јазиците на заедниците. Бидејќи станува збор за јазик, наставниците од тие материјали ќе може да им предаваат на учениците. Јазикот е жив, децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик – именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа“, кажа Јаневска.