СДСМ ја напушти седницата на Собранието за опозициски прашања
Причина за тоа е што не беа присутни министри и дека раезолуцијата на власта за миграните ја осудува опозицијата, што е преседан
Пратениците од опозициската СДСМ денеска ја напуштија собраниската седница, на која во тек се опозициски пратенички прашања, откако координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски упати критика до власта, односно до одредени министри дека не се присутни на седницата, но и во однос на резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од владејачката коалиција.
„Прво во однос на пратеничките прашања за коишто гледаме дека практично не се присутни оние на коишто треба да им се поставуваат. Пратеничката група на СДСМ побара до премиерот, од оправдани причини тој не е тука, меѓутоа по Деловник имаше право да назначи заменик. Вчера на координација утврдивме дека треба да доставиме нов список. На новиот список ставивме двајца министри, министерот за економија и министерот за животна средина. Тие не се тука, а се должни да бидат тука и да одговараат пред народното Собрание“, рече Спасовски.
Тој имаше забелешка и за рокот во кој е доставен предлог-законот за Судски совет, за кој кажа дека тие како опозицијата го поддржуваат, но и во однос на резолуцијата, со која како што вели, се осудува опозицијата, што досега не се случило во парламентарната демократија.
„Колку и да е кревка таа демократија, ќе разбереме ваков предлог во 90-та година. Во 2025 година резолуција со која што се осудува опозицијата, апсолутно е неприфатливо. Второ, резолуција со која што ги ништите сите одлуки на владата, а на тој начин и овие веројатно коишто се донесени до сега одлуки на Владата, а се однесувале на мигрантската криза, па и оваа којашто е денеска на дневен ред, дека по предлог на Владата се бара кризна состојба да се прогласи повторно, таа ви е ништовна одлука. И вие врз основа на ништовна одлука, сакате да донесете нова одлука на Собранието“, рече Спасовски и додаде дека пратеничката група на СДСМ нема да учествува во работата на оваа седница.
Координаротот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски изрази зачуденост како опозицијата сама со ваквите постапки всушност не го користи инструментот што ѝ е на располагање во Собранието, а тоа е поставување на опозициски пратенички прашања. Тој посочи дека претходно пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари побарала пауза со забелешка дека законите до нив не се доставени на албански јазик, а потоа СДСМ ја напуштила седницата.
Во однос на забелешките за резолуцијата, Мицевски нагласи дека таа не е за осуда на опозицијата, туку за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политките против нелегалната миграција.
„Сакаме да ставиме точка на лудилото што го предизвикуваат меѓу граѓаните во изминатите десетина дена и повеќе, рече Мицевски и додаде дека на дневен ред е резолуција, која е доставена до Собранието и забележа зошто СДСМ не ја доставиле нивната резолуција, која ја најавуваа.
„СДСМ немаат доставено резолуција до Собранието…со неа мафтаа на прес во ‘Бихаќка’. Почитивувани колеги од опозицијата не ви се точни наводите, поднесете резолуција за да зборуваме за неа, моментално имаме само една резолуција, која има цел да ги осуди манипулациите, кои се шират од опозицијата, додаде Мицевски.
И пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, бараше од дневен ред да се тргне резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ со која треба да се осудат наводните манипулациите на опозицијата за мигрантите.
„Да ви ја честитам новата 1949“, рече Џафери. „Со оваа резолуција се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, вожде вие оценивте дека опозицијата се што ќе каже лаже и прави манипулации, тоа е цензура“, му се обрати Џафери на собранискиот спикер, Африм Гаши.