СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изгласаа прераспределба на средства на  Комисијата за заштита од дискриминација


Собраниската Комисија за финасирање и буџет вечерва едногласно усвои амандман на Предлог буџетот за 2023 година за прераспределба на милион и седумдесет и две илјади денари за поефикасно извршување на функциите на Комисијата за заштита од дискриминација.

Амандманот што во координација со Комисијата го предложи пратеничката од СДСМ Санела Шкриељ го поддржаа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

-Мислам дека сите тука ќе се сложиме дека Комисијата за заштита од дискриминација формирана  согласно со новиот закон навистина се профилира како едно независно и ефективно  тело кое работи проактивно и транспарентно, тело кое што одговара на потребите на граѓаните за заштита и промоција на нивните права. Од тие причини верувам дека сите треба да излеземе во пресрет на нивното барање за прераспределба на средства и да го усвоиме амандманот, рече Шкриељ во образложение на амандманот.

Комисијата втор ден расправаше по амандманите на Предлог буџетот за 2022 година, при што два беа усвоени, а два одбиени.

Владејачкото мнозинство во Комисијата го оспорува гласањето за вториот усвоен амандманот што го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија, а со кој се предвидуават средства за зголемување на платите во администрацијата за 15 проценти.

Откако пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ Дафина Стојановска го образложи амандманот, а по неа зборуваше и нејзината сопартијка Ели Панова, претседателот на Комисијата Бојан Стојановски ја затвори расправата и го стави на гласање амандманот, при што констатираше дека „за“ гласале шест члена на Комсијата, а ниту еден „против“ и „воздржан“.Реагираа пратениците од владејачкото мнозинство барајќи пауза и обвинувајќи дека гласањето не било уредно затоа што додека се одвивало се уште не биле вратени нивните колеги кои биле на друг настан.

Марија Георгиевска од СДСМ побара Стојановски да го корегира и да го повтори гласањето, оценувајќи дека постапувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „е крајно несерозно и недостојно и оти се продаваат евтини финти во Комисијата“.

-Не е коректно, заменик координаторот ве праша колку се пријавени. Не се дојдени колеги кои се надвор на настан од Собранието, ве прашавме колку има за говор, цело време се договарате со очи како треба да настапите. Вакви финти да правите во Комисијата е крајно несериозно од ваша страна, ова е насилно што го правите. Што мислите дека ќе постигнете со ова? Најавувате дека ќе зборуваат седум луѓе и ние го слушаме тоа, а потоа ставате на гласање. Знаете дека ова ќе создаде нервоза. Ова е недостојно, продавате финти и е крајно несериозно, рече Георгиевска.

Стојановски, пак, ги отфрли тврдењата дека ја нарушил работата на Комисијата и Деловникот. Објасни дека  по излагањето на двете пратенички, по кои и тој беше пријавен за збор, заклучил дека сите аргументи од расправата се исцрпени и нема поента да се вклучи. Пријавените пратеници по него, појасни, се откажаа. Веднаш откако се повлекоа јас морав да постапам по сценариото и беше ставено гласање, вие не гласавте, рече Стојановски.

Претходно во денешната расправа владејачкото мнозинство во Комисијата не ги прифати амандманите со кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа  да се одложи зголемувањето на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија од 5 на 10 отсто што е планирано да стапи во сила од 1 јануари идната година, како и да се распределат средства за 30 проценти повисоки плати на администрацијата во Собрание.

Вкупно се поднесени 263 амандмани од кои 199 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Амандманската расправа по Предлог буџетот за 2023 година ќе продолжи в понеделник во 11 часот, најави Стојановски.