СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го злоупотребува Гоце Делчев, тие ги обвинија нив


Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека сакаат да предизвикаат  вознемиреност кај граѓаните користејќи го чествувањето на Гоце Делчев со порака дека неговиот лик и дело тоа  не го заслужуваат.

-Првин сакам да го кажам апелот од страна на СДСМ, од страна на извршната власт до секој  Македонец, Албанец, Турчин, Ром , Влав, Србин и други, да бидеме доследни, да бидеме како и многу пати досега добри домаќини. Државата преку своите институции покажа дека функционира, институциите секогаш се на висина на својата задача.

Страшно е она што го прават ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во пресрет на чествувањето на денот на раѓањето на големиот Гоце Делчев. Едноставно ликот и делото на Гоце Делчев не го заслужуваат ова.Мицкоски по којзнае кој пат како наследник на ликот и делото на Ванчо Михајлов, како лидер на партија која што градеше споменик на Ќосето, како партија која што ги воспеваше по нивните партиски настани Ванчо Михајлов и Тодор Александров, уште еднаш сака да зоврие тензии во пресрет на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев.

Граѓаните се доволно свесни и повторно ќе ја покажат својата одговорноост кон обидот на ваквите фрустрирачки обиди на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, пред се да направат нервоза, вознемирување кај Македонците и на некој начин да го попречат се она што досега го имаме стекнато како партија во делот на евроинтегрирањето на државата, порача Костовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ кои кога беа на власт носеа Хунзи во Македонија и мавтаа со вергини , одговорија со поставување 20-метарско платно на  студентскиот дом „Гоце Делчев“ бидејќи власта не знаела да го заштити неговото дело.

-Градскиот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ,во пресрет на утрешното чествување на роденденот на нашиот великан Гоце Делчев во истоимениот студентски дом  направи акција за да ги потсетиме сите дека Гоце е Македонија, дека Гоце Делчев е фигура којашто обединува и да кажеме не на сите обиди на македонската влада или на некои странски влади да го злоупотребат споменот на Гоце Делчев за внесување поделби и раздор во македонското општество. На овој чекор се решивме бидејќи бевме сведоци на невештото и по малку сервилно и недостоинствено постапување на властите во Македонија, почнувајќи од претседателот, парламентарното мнозинство и Владата кои чествувањето на споменот на нашиот великан го направија безбедносно прашање за кое дури заседаваше и Советот за безбедност.

Гоце е најобединувачката фигура во македонската историја, Гоце е Македонија и аманетот на неговото дело чиј плод е независна Република Македонија ниту ќе биде заборавен, ниту ќе биде напуштен од овој народ и обидите на Владата со делување и неделување да ја искористи оваа најсветла фигура од македонската историја за понатамошна поделба на македонското ткиво не може и нема да им успее. Исто така дел од аманетот на Гоце е онаа славна и визионерска реченица за светот како поле за културен натпревар помеѓу народите. И во тој дух ги повикувам сите млади луѓе на мирно и достоинствено одбележување на споменот на овој великан онака како што нему и нам ни доликува, а оние било од земјава или од надвор што ќе се обидат да го злоупотребат овој лик за креирање на поделби во ова општество ниту му мислат добро на истото, ниту се достојни на ликот и делото на Гоце, а оние кои доаѓаат од странство, ниту се  пожелни во оваа држава. Сите останати, без разлика дали од земјава или од странство, се добредојдени да му се поклонат на овој македонски великан, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека кај нас наголемо се „сечат вени“ за Гоце Делчев,  чиј роденден до скоро ретко кој го чествуваше, во Бугарија речиси никој веќе не ги ни следи случувањата околу овој настан.