СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го подрива решавањето на отворените прашања со Бугарија


Фото: Б. Грданоски
СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со груби лаги околу работата на Историската комисија сакаат да го нарушат процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија.
 
-Паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со кои со месеци ги вознемируваа граѓаните и се обидуваа да создадат нови поделби. Со усвоените препораки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања стана јасно дека во нив нема ништо спорно, затскриено, нема никакво бришење или менување на историјата по бугарски терк, како што лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. 
Усвоените препораки за одредени учебници во основното образование се на база на реципроцитет и ќе бидат доставени и до македонската но и до бугарската влада.
 
За разлика од  односот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ продолжува да бара решенија за отворените прашања, при тоа заштитувајќи ги македонскиот идентитет, македонската историја и самобитност, реагираа од СДСМ на очекуваните обвинувања дека Македонија ја „продала“ историјата на Бугарија.