СДСМ го обвини Мицкоски дека одработува за странски интереси

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека власта има уште пет дена „да си го преиспита однесувањето“ и да ги прифати условите на опозицијата


 

СДСМ го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека одработува за странски интереси со тоа што во време на голема надворешна криза најавува блокада, а со тоа и дестабилизација на државата. 

„Во време на најголемата економска и енергетска војна, Христијан Мицкоски најавува нови засилени блокади наместо да понуди конструктивност. Очигледно е дека Мицкоски дејствува по наредба на неговиот шеф во Будимпешта, како што е очигледно дека ваквото деструктивно однесување е засилено десеттина дена по објавата на црната листа на САД каде се најде и Никола Груевски. Се потврди дека синоќешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса, Груевски даде наредба, а Мицкоски со своите соработници одработува за странски интереси“, стои во реакцијата на СДСМ.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ ја објави одлуката на Извршниот комитет да се искористат сите средства за да се предизвикаат предвремени парламентарни избори, вклучувајќи блокада на Собранието, филибастеринг и слично. Блокадата ќе се спроведува од 10 мај. Од оваа партија порачаа дека власта има уште 5 дена „да си го преиспита однесувањето“. Ваквата најава доаѓа практично кога цела енергија поврзана со Македонија е насочена кон добивањето преговори со ЕУ на самитот во јуни.  

„На вчерашната седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ беше дискутирано за националната катастрофа во која е втурната Македонија со СДСМ и ДУИ. Ситуацијата која е предизвикана од СДСМ и ДУИ, а се бележи со сиромаштија, криминал и корупција резултира и со состојба во која Македонија ја има се помалку. СДСМ и ДУИ се креатори на сите кризи и тие не можат да бидат решение, напротив кризите се повеќе се продлабочуваат, затоа се потребни предвремени парламентарни избори.

Власта е игнорантна кон реалноста и во СДСМ и ДУИ мислат само на своите фотелји, и затоа се борат и по цена на национални загуби да останат макар ден повеќе на власт.

Оваа ситуација во која е државата не смее да трае долго, зашто последиците од криминалот, корупцијата и неспособноста на владата се огромни. Затоа  ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон активна блокада на Собранието, а со цел предизвикување лидерска средба на која ќе биде договорен датум за предвремени парламентарни избори и ќе се пристапи кон изнаоѓање на решенија во клучните сектори во кои ВМРО-ДПМНЕ понуди тимови. Тоа се секторите финансии, здравство, образование и секако меѓународните односи, европските интеграции и проблемот којшто Македонија го има со Бугарија.

Ковачевски има доволно време до 10 мај да се предомисли и да пристапи кон организирање на лидерска со цел дефинирање на датум за избори“, стои во одлуката на ВМРО-ДПМНЕ.