СДСМ го обвини Мицкоски дека е „мрачен некрофил“

Во редовната тура утрински соопштенија на партиите, владејачките социјалдемократи го обвинија лидерот на опозицијата дека бил „мрачен некрофил“ затоа што се радувал поради бројот на жртвите од Ковид-19. „Од почетокот на пандемијата досега, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ секојдневно покажуваат дека здравјето на граѓаните им е на последно место.

Ним не им е битно здравјето на граѓаните, тие остануваат најголемата закана по јавното здравје, мрачни некрофили кои се обидуваат политички да профитираат врз несреќата на граѓаните.

Мицкоски секојдневно се радува на бројот на починати од Ковид-19 и како едвај да чека бројот на починати од коронавирусот да се зголемува, за навечер да објавува содржини на социјалните мрежи каде се радува на несреќата на стотици семејства“.

СДСМ го нападна и новиот член на Извршниот комитет, лекарот Вело Марковски, велејќи дека „секојдневно излегува со скандалозни изјави. Марковски на сите доктори кои препишуваат ‘сумамед’ во стандардната терапија индиректно им го стави на товар бројот на починати од Ковид-19. Претходно, Марковски ги убедуваше граѓаните дека вирусот не е опасен, дека нема да има есенски бран и дека маски воопшто не треба да се носат. Со тоа Марковски се обидува да го поткопа здравствениот систем“, велат социјалдемократите.