СДСМ го доби новото раководство, Ковачевски најави главен фокус на економијата

Големи промени во врвот на партијата. Тројца нови потпретседатели, од досегашните остана само Фатмир Битиќи, а генерален секретар е Миле Зечевиќ


Фото: Б. Грданоски

 

По три и пол часовен состанок на Централниот одбор, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на прес-конференција ја објави новата раководна структура на партијата во која има многу нови лица, некои од кадрите кои порано беа во раководството и најави дека главен акцент на владата кога ќе биде избрана ќе биде економијата, како и справување со здравствената и енергетската криза. Решавањето на проблемот со Бугарија беше споменат кон крајот на приоритетите.

За нови потпретседатели на партијата се избрани Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Фатмир Битиќи. Миле Зечевиќ е новиот генерален секретар на партијата, нов организациски секретар е Вангел Андревски, а Бојан Маричиќ ќе биде секретар за меѓународна политика. Сања Лукаревска ќе остане заменик-претседател на партијата, затоа што таа се избира на конгрес.

Централниот одбор ги избра и членовите на новиот Извршен одбор во кој, забележително, има поголем број лекари. Членови на Извршниот одбор се: Ана Данева-Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити-Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајовска, Мелиса Ценовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски, Никола Рилак.

Како посебен орган Ковачевски го најави формирањето на Советот за креирање и имплементирање политики, кој треба да ги надгледува проектите на партијата. Со него ќе раководи поранешниот висок партиски функционер и пратеник Игор Ивановски.

Во своето обраќање Ковачевски најави дека ќе има беспоштедна борба против клиентелизмот, дека новата влада ќе има цел да ги удвои стапките на раст, дека ќе има почитување на владеење на правото. Ковачевски спомена дека со коалициските партнери се подготвува програмата на новата влада и дека верува оти кабинетот ќе биде избран до 18 јануари. Тој во мал дел се осврна и на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните критики против него уште првиот ден кога беше избран за претседател на СДСМ, велејќи дека тука се работело за лични инсинуации, а не за спротивставување на политики.

„Опозицијата се обидува и ќе се обидува постојано да ја оцрнува и да ја омаловажува нашата работа. Таа лажно ќе нè клевети за сè  и сешто бидејќи тоа е нејзиниот единствен проект. Тоа е партија чија единствена цел е за реализација на своите теснопартиски и лични интереси, а власта за нив е само алатка за реализирање на овие интереси“, рече Ковачевски. Тој нагласи дека СДСМ е партија која промовира политичка култура „различна од онаа на квази-патриотите во земјава. Тоа е политичка култура на носење политики, преку соработка, дебата и разговори, а не преку омаловажување, конфликти и исклучување“.