СДСМ ги збива редовите околу Заев


По големите реакции во јавноста по контроверзното интервју и посебно обраќањето на поранешниот партиски лидер Бранко Црвенковски, високите партиски и државни функционери од СДСМ се јавија со редица изјави во кои му даваат поддршка на Зоран Заев. Прво стигна официјалното соопштение на партијата дека она што го изјави Заев е и став на СДСМ, а потоа и вицепремиерот Љупчо Николовски, министрите Мила Царовска, Радмила Шекеринска, Бојан Маричиќ, Венко Филипче, потпретседателите на СДСМ, Коста Петров и Мухамед Зекири, пратеникот Коста Костадинов и други партиски функционери.

Според нив, граѓаните и СДСМ, одамна и на време избрале европска иднина и избрале да носат „храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ“.

Во партијата се изненадени од тоа што по подолго време се јавил Бранко Црвенковски кој најави замрзнување на членството во партијата.

„СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти“, велат од партијата.