СДСМ: Европската унија потврди дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ е неспособна


„Со робусно ‘извештајче’ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска. ВМРО-ДПМНЕ покажува ароганција зад која се крие неуспешен обид да го омаловажи Извештајот на ЕК затоа што е најреалниот доказ за неспособноста на владата на Мицкоски“, стои во денешното соопштението од СДСМ.

Од партијата на Филипче велат дека ЕК дава јасни, детални и објективни оценки во кои е содржана најреалната слика за тоа каде ја доведе Македонија власта на Христијан Мицкоски: во застој, назадување и целосна институционална парализа.

СДСМ реагира дека ова е најлошиот извештај за Македонија во последните десет години.

„Македонија нема напредок во ниту една област, реформите се блокирани, а владата нема волја, ниту капацитет да ја сработи работата што е во интерес на граѓаните и на државата. Драстично е назадувањето во владеењето на правото и правдата, со оценка „единица“ во поглавјето 24, најлоша досега. Судството е под политички притисоци, реформите се во застој, антикорупциските механизми не функционираат, јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат набрзина, без дебата и без транспарентност. Во економијата и земјоделството има стагнација и слабости во јавните инвестиции, доцнења со поврат на ДДВ, а во образованието и младинските политики резултатите се поразителни, државата бележи пад и под просекот на ЕУ“, велат од СДСМ.