СДСМ: Дури 318.000 пензионери ќе бидат оштетени со линеарното зголемување на пензиите


Битката за пензионерите е една од поважните во годинашнава кампања (Фото: Б. Грданоски)

 

Владата им подготвува историска измама на пензионерите кои со линеарното зголемување ќе бидат оштетени не еднаш туку двапати и ќе бидат погодени најголемиот дел од нив, односно над 318.000 пензионери, реагираат од опозициската СДСМ, кои денеска во соопштение ја презентираа својата пресметка за последиците од овој модел.

„Пензионерите не само што се оштетени сега, туку и идното усогласување во март 2026 ќе се врши на пониска основица, што значи дека и тогаш ќе добијат помалку од заслуженото“, велат од партијата.

Според постојниот Закон за пензии, усогласувањето треба да се врши двапати годишно, во март и во септември, но и да се базира на растот на платите и животните трошоци. Ако не се промени законот, велат од опозицијата, пензиите во септември ќе се зголемат за околу пет отсто.

„Тоа значи дека за пензија од 25.000 денари зголемувањето ќе беше 1.250 денари, а сега се добива само 1.000. Кај повисоките пензии штетата е уште поголема. На пример, за пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, пензионерите ќе добијат двојно помалку“, реагираат од СДСМ.

Од вкупниот број пензионери, според нивната анализа, дури 92,5 отсто ќе земаат помалку пари од тоа што би добиле со редовно усогласување. Само 7,5 отсто ќе имаат минимална корист.

„Со ваквото линеарно зголемување се нарушува принципот на правичност – секој да добива според својот придонес. Ова е не само нечесно, туку и штетно за пензискиот фонд, кој веќе се соочува со дефицит над 47 проценти и сооднос од само 1,6 вработени на еден пензионер – најлош досега“,заклучуваат оттаму.

Тие побараа од Владата веднаш да го повлече предложениот модел и пензионерите да добијат зголемување согласно важечкиот закон и нивниот реален придонес во системот.

И покрај тоа што пресметките на СДСМ се совпаѓаат со тие на експертите во земјата, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ била таа што ги осиромашувала пензионерите.

„На СДС и Јованка Тренчевска, како поранешна министерка за труд и социјална политика, им смета растот на пензиите на сите пензионери. Откако за седум години власт СДС и Тренчевска пензионерите ги донесоа на раб на егзистенција, сега се против тие да го добијат заслуженото. Уште се свежи сеќавањата како пензионерите низ цела држава протестираа со празни тегли, покажувајќи му на владата на СДС дека пензиите кои таа им ги дава не им стигаат, дури ни за зимница да си направат, а не пак да купат готова.

СДС и Тренчевска може да се противат колку сакаат, пензионерите со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го добијат заслуженото кое им беше ускратено изминатите седум години. Пензионерите сега веќе имаат партнер во оваа Влада која ги слуша им ги решава проблемите, им го вреднува вложениот труд и прави се тие достоинствено да живеат во нивната трета доба. За таа цел, само за 18 месеци пензиите на сите пензионери линеарно ќе се покачат за 7.000 денари.

За неполна година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пензиите веќе се зголемија за пет илјади денари, а од септември и март следи друго покачување од по илјада денари. СДС сега нега седи и нека гледа како растат пензиите.

Разликата е огромна. Со владата на ВМРО-ДПМНЕ за 18 месеци пензиите се зголемија за седум илјади денари, додека со СДС на власт пензиите пораснаа за 0 денари, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, за зголемување кое додека се оствари, ќе го „изеде“ инфлацијата.