СДСМ донесе одлука за исклучување на Петре Шилегов
Извршниот одбор на СДСМ денеска донесе одлука и иницираше постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството на СДСМ.
„Шилегов е уценет и одработува за ВМРО. Ја разоткривме целата бизнис шема на Христијан Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ до ‘Руднап’. Сега на сите им е јасно зошто толку многу сакаат да го рушат СДСМ. ВМРО толку падна што единствената опција им остана обидот да го урне СДСМ одвнатре.
Сега на сите им е јасно дека станува збор за ‘платформа за рушење на СДСМ’“, велат од партијата.
Вчера во разговор за Сител Шилегов најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побараат оставка од актуелното раководство.
„Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и ќе ги замолиме луѓето што ја водат партијата да престанат да го прават ова. Нека дојдат други и да ја водат партијата“, рече Шилегов.
Шилегов стана градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ од 2017 година.