СДСМ бара посебна седница на Совет за хаосот во ЈП во Скопје


СДСМ бара посебна седница на Советот на град Скопје за хаосот, за состојбата во јавните претпријатија.

– За само една година, ВМРО-ДПМНЕ во Скопје предизвика целосен колапс на градот и јавните претпријатија под негова надлежност. Поради рацете во медот, поради бизнис интереси граѓаните на Скопје остануваат без основните функции. Два дена Скопје беше без јавен автобуски превоз поради штрајкот на вработените во ЈСП. Никогаш ова се нема случено.
Иако вработените ја добија платата, останаа неодговорени прашањата за милионските долгови што ЈСП ги има направено во последната година – велат од партијата на власт.

Потсетуваат дека ситуацијата не е добра ниту во другите јавни претпријатија како „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“, каде една година управува ВМРО ДПМНЕ.

Сметаат дека сето ова е поради неспособноста на градската власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска. Не само што нема нови проекти и инвестиции, не само што крупни проекти се прекинати, туку се доведува во прашање и основното функционирање на јавните претпријатија и установи во Скопје.

– Очекуваме ВМРО ДПМНЕ кое има мнозинство во Советот и Трајко Славевски како претседавач, да закаже наменска седница. Треба да се делува – додаваат од СДСМ.