СДСМ бара итно укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно
СДСМ денеска ја повика Владата итно да донесе одлука за укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно, како помош за граѓаните да го препродат овој тежок период.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција истакна дека во финансиски најтешкиот месец во годината, сметките за електрична енергија се драстично повисоки споредено со претходните месеци.
-Покачените сметки за струја за дури 30 отсто се уште еден огромен ценовен шок за граѓаните, после поскапувањето на храната и парното. Астрономски високите сметки за струја се директна последица на непособноста на владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со укинувањето на субвенциите за струја, ВМРО-ДПМНЕ жестоко удри по џебот на граѓаните. Соочени со сметки кои достигнуваат од по 8.000, 10.000, 15.000 денари, дел од граѓаните бараат начин како да ги платат, а други бараат корегирање на сметките, рече Кузеска.
СДСМ, според неа, има решение и ја повика Владата итно да донесе одлука за укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно, како помош за граѓаните да го пребродат овој тежок период.
-Оставени на милост и немилост, луѓето се доведени во состојба да бираат дали да платат сметки за струја и парно или да купат храна, рече портпаролката Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ барањето го оценија како класично лицемерие и уште еден од низата на обиди за манипулација со граѓаните од партијата која ги осиромашила.
-СДС го зголемија ДДВ на прехранбени производи од 5% на 10% и денес апсурдно е да сугерираат за намалување на истото.Eнергетскиот сектор во Македонија во време на СДС беше на дното, СДС народните пари ги трошеле недомаќински. СДС нема право да зборува за енергетика кога во време на СДС фирми основани од Димитар Ковачевски и негови семејни врски вртеа милионски суми во енергетскиот бизнис.Единствен проект во енергетиката на СДС беше тоа што сопругата на Ковачевски доби државно земјиште за фотоволтаици од неговата влада. Матните тендери и милионски грабежи во енергетскиот сектор од страна на СДС се чувствуваат и денес.
Во однос на сметките за струја Регулаторна комисија ги повика сите домаќинства кои добиле повисоки сметки за струја да поднесат приговор во ЕВН поради корекција.Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на привлекување на странски инвестиции во енергетскиот сектор.Уште во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најави ветерен парк кој ќе се гради на тромеѓето на Штип – Радовиш- Карбинци- инвестицијата која ќе достигне до 500 милиони евра.ВМРО-ДПМНЕ работи во насока Македонија да биде земја со стабилен енергетски сектор, преку низа на мерки и проекти, се наведува во партиската реакција.