СДСМ бара истрага зошто Славески го кочи изборот на вицегувернери на НБРМ
Скандалот со блокираниот изборот на вицегувернери во Народната банка отвора сериозни прашања за работењето на Трајко Славески и за состојбите во оваа клучна институција, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, се вели во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ прашуваат зошто се кочи изборот на вицегувернери и дали Трајко Славески намерно ја блокира постапката?
Притоа, посочуваат дека мандатот на двете вицегувернерки е истечен уште од лани, изборот е законски регулиран со прецизни рокови кои се истечени а се уште нема избор.
Според Кузеска, прекршен е член 55 став 1 од Законот за Народна банка и рокот од 22 декември 2025 година е изминат.
„Ова доцнење отвора и дополнителна дилема, дали одлуките на Советот на Народната банка во вакви услови се целосно легитимни и функционални“, вели Кузеска, додавајќи дека кога клучни позиции не се пополнети, се доведува во прашање фукционирањето на Народната банка.
Притоа, Кузеска обвини дека гувернерот Славески има директна одговорност за оваа состојба и дека не е првпатда носи политики на штета на граѓаните, а како аргументи наведе дека Славески бил против зголемување на минималната плата, како и дека како претседавач на Советот на Град Скопје во изминатите четири години, бил „дел од хаосот во главниот град – нефункционалност, застој на проекти и целосен институционален распад“.
„СДСМ бара, итна истрага за причините. Финансиската стабилност не смее да биде жртва на политички игри и на неспособноста на Славески“, изјави Кузеска.