Савески: Не може сиромашна институција да се бори против богати од криминал


 
„Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин. Меѓу останатото и она што често се коментира е да се обезбедат финансиски средства. Иако акцентот се става на платите, платите не се најголемиот проблем туку се условите за работа. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал“, вели во изјава за државната МИА Ненад Савески, кој денеска во Собранието треба да биде избран за нов државен јавен обвинител.

 

Најважно за него е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следи нивната работа и да нема, како што вели, „фиока стоп систем“.

„Таа дигитализација можеби би била некоја програма која што би била „фиока стоп систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали недостига помошен кадар за јавните обвинители“, вели, меѓу другото Савески.

Не сака да издвојува ниту предмет со којшто би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител бидејќи за него сите се подеднакво важни зашто „се работи за човечки судбини“, но исто така нема да води селективна правда и секој предмет ќе се работи согласно закон и согласно роковите и принципите за работа.

На прашање кои би биле првите работи што ќе ги направи по изборот за државен јавен обвинител, вели:

„Јас сум сега некој од надвор. Сум бил некогаш во обвинителството и сега од надвор треба да дојдам. Прво, треба да ја согледам состојбата внатре, да ги видам условите за работа, да се запознаам со состојбите. Најбитна работа би ми била да воспоставиме некоја дигитализација со којашто би можела да се следи работата на обвинителите во предметот…Таа дигитализација можеби би била некоја програма која што би била „фиока стоп систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостаток на стручен кадар, на обвинители, дали недостасува помошен кадар за јавните обвинители. Потоа да се прават планови да се види финансиската конструкција, потребите, да се види новиот закон, ако се донесе, како ќе помогне, да се стартува… Иако не се тие некои радикални измени, меѓутоа тие козметички измени да видиме каков ефект ќе имаат за подобрување на состојбите.

Како и да е, не сметам дека со моето доаѓање на чело на Јавното обвинителство ќе почне и со моето заминување ќе заврши работата. Јавните обвинители и сега, додека зборуваме ние, си ја работат својата работа, тоа е нивна законска обврска, тоа е нивна работа. Не мислам дека сега ова мое раководење со институцијата почнува и зависи од мене. Напротив, сметам дека заедно, сите ние обвинителите и сите други државни органи од кои зависи работата на Јавното обвинителство ќе изградиме еден јак јавнообвинителски систем којшто ќе може да одговори на задачата, а тоа е откривање и гонење на криминалот, така што ништо не почнува и не завршува со мене. Напротив, тоа е институција која што си работи.