Сашко Николов најави изградба на 100 типски куќи во Штип


Кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ, Сашко Николов, денеска објави дел од својата програма, во која е и реализацијата на 100 типски куќи во населбата Света Недела. „Со ова ќе им помогнеме на социјално загрозените семејства. Ова значи нов топол дом за нашите граѓани на кои им се решава животно прашање – стекнување на свој дом“, рече Николов. 

Тој изјави дека во време на пандемијата „наша одговорност е да направиме сѐ што е во наша моќ да ги поддржиме сите нашите граѓани. Самохраните родители и натаму нема да имаат обврска да плаќаат за престој на нивните деца во градинка. Во соработката со здружението на слепи лица продолжува договорот за ослободување од наплата за водоснабдување. Никој не е сам“.

Николов најави дека веднаш по неговото стапување на функција како градоначалник на општина Штип, ќе иницира добротворен фонд преку кој ќе бидат обезбедени бесплатни заштитни маски за сите штипјани.

„Почитувањето на мерките е исклучително важно за да се добие битката против Ковид-19 и токму затоа како општина ќе се погрижиме на секој еден штипјанец да му биде достапна бесплатна заштитна маска. Во овој добротворен фонд апелирам да се вклучат сите општествено одговорни компании и други донатори“, нагласи Николов.

Во интервју на социјалните мрежи Николов зборуваше како го замислува Штип во наредните четири години. „Штип е во сигурни раце и ќе продолжи да чекори напред заедно со модерните европски градови“, рече тој.