Мануел Сарацин: Речиси никој на Балканот не сака да прави реформи
Сѐ уште не е јасно дали САД стојат и натаму зад поддршката земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ

Мануел Сарацин, до минатата недела специјален преставник на германската влада за Западен Балкан, оцени вчера дека во сите земји на Западен Балкан, со исклучок на Црна Гора и Албанија, нема политичка волја за реформи и дека, колку и да сака ЕУ да ги турне во евроинтеграцијата – не може да го супституира тоа.
Сарацин го изнесе овој став на дебатата организирана од Асоцијацијата за Југоисточна Европа, тинк тенк финансиран од германското Министерство за надворешни работи кој ги следи и анализира случувањата во регионот, а во рамки на расправата за новата политика на САД кон Западниот Балкан, со дилема – се повлекуваат ли тие или не целосно од регионот?
Според Сарацин, сѐ уште не е јасно дали постои и натаму поддршката на САД за земјите од регионот да влезат во ЕУ, особено кога САД одеднаш станаа земја модел за автократиите и во регионот и пошироко. Тој притоа го посочи придонесот што го имале САД за постигнување на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, изразувајќи сомнеж дека Балканот сега е „доволно добра тема“ за да му обезбеди „ТВ термин“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
И тој, и останатите учесници во дебата, оценија дека од аспект на САД ништо политичко не се случува во моментов во регионот, со исклучок на реакцијата на државниот секретар Марко Рубио на сепаратистичките обиди на Милорад Додиќ и јасната порака дека тоа не го поддржуваат. Генерално, оценката беше дека во регионот се чувствува геополитички јаз што не се знае кој ќе го пополни, дека ЕУ ја изгубила довербата и кредибилитетот, а проблемите во Западниот Балкан и натаму се нерешени како на почетокот, а ЕУ по толку години не знае како да го постигне тоа. И Сарацин и германскиот пратеник во Бундестагот, Питер Бајер, нагласија дека САД имаат одлучувачка улога околу безбедноста на регионот, јасно сугерирајќи дека без таа „контролна функција“ од страна на администрацијата на Трамп тој може да се соочи со неизвесност и дестабилизација. Разбирливо, најмногу внимание притоа добија Србија и БиХ и иако Македонија не беше ни спомената, таа јасно се подразбираше во целиот контекст.
Што бараше Вучиќ во Москва – гас или спас?
Според Сарацин, САД влијаеле на политичката и безбедносна ситуација во регионот преку финансиски мерки (главно УСАИД), преку санкции, преку директно менаџирање на кризите, преку поддршката за евроинтеграцијата, па и со мешање во внатрешните работи на земјите, иако некогаш тоа не било продуктивно. Според Вукосава Црњански, директорка на ЦРТА од Белград, САД сега воопшто не се присутни политички во Србија, иако со месеци траат антивладините протести, а претседателот Александар Вучиќ отворено ѝ пркосеше на ЕУ патувајќи на парадата во Москва. Според неа, во Србија се случува сериозна репресија, има сѐ повеќе политички мотивирани апсења, а укинувањето на УСАИД отворило нашироко врата за антидемократски практики, при што медиумите се целосно девастирани. Наспроти тоа, освен приватните контакти на членови од семејството на Трамп, нема реакции од САД на протетсите, па и спротивно, наголемо се шират низ земјата наративите на американскиот претседател.
Сарацин дополни дека ЕУ не успеала да изреагира соодветно на одењето на Вучиќ во Москва – нешто што не го направи во 2021, не го направи во 2022, не го направи ни во 2023 година, а го направи сега – токму кога Брисел побара да не го прави тоа. Негова проценка е дека причината не била геостратегиска, бидејќи само наивни одат во Москва по таква поддршка, туку дека барал начин да преживее, бидејќи се соочува со голема нестабилност во земјата. Иако, Вучиќ наводно се бранел пред Брисел дека отишол бидејќи му истекувал договорот за ефтин гас со „Гаспром“, Сарацин беше скептичен.
„Ние ѝ дадовме толку многу пари на Србија, а зошто?“, праша тој, јасно посочувајќи дека причината за присуство на парадата ја гледа на друго место. Според него, ако остане оваа поделеност на Западот (меѓу САД и ЕУ) тоа сигурно ќе се одрази на внатрешната ситуација во Србија.
Гренел се враќа на Балканот, но со какви идеи?
Бајер од Бундестагот сметаше дека сѐ уште има интерес во САД за Балканот и дека повлекувањето не е комплетно, посочувајќи на изневерените очекувања на Милорад Додиќ дека ќе биде толериран од Вашингтон во вториот обид да ги растури институциите на БиХ. Но, тој посочи на одредена хипокризија која не дава јасна слика за суштината на новата политика на Трамп. Како пример го наведе тоа што, и покрај реакцијата на потезите на Додик, и покрај фактот дека тој и семејството се на црната листа на САД, синот на Трам при посетата на Белград присуствувал на вечера спонзорирана од синот на Додик!
Генерално, тој кажа дека имал разговори со луѓе во Стејт департментот одговорни за Западен Балкан, но нагласи дека многу позиции сѐ уште се празни и многу од тие што се таму прашање е дали ќе бидат по шест месеци, вклучувајќи ги и амбасадорите пратени во земјите во регионот.
Клучниот страв за Ади Церимагиќ од Европската иницијатива за стабилност е ако се повлечат САД, кој ќе ги запре безбедносните кризи како таа во Бањска и обидот на Додик да ги урне институциите на БиХ. Тој, притоа, го парафразираше Ричард Гренел, поранешен специјален пратеник на САД за Балканот и сегашен преставник на Трамп за специјални операции кој тогаш (во 2023 година) рекол дека во Бањска ништо не се случува, а кој навестил дека од летово ќе биде поактивен околу Србија и Косово, со дилема – дали повторно ќе оживеат плановите за размена на територии на Балканот?
Како заклучок, беше ставот дека ЕУ треба да ја презема похрабро својата улога во регионот, да работи да си ги врати довербата и кредибилитетот , да ја надомести помошта за медиумите кои трпат големи последици од укинувањето на УСАИД, да создаде тнр. трансатлантска мрежа за демократија како чадор на продемократските невладини организации и тинк тенкови кои ќе работат на заеднички проекти и да не биде веќе тивка околу гестовите како посетата на Вучиќ на Москва.