Сарацин: Овој прозорец може да се затвори утре


Вратата кон ЕУ сега е  широко отворена и треба да се влезе за да го продолжиме патот заедно, порача Мануел Сарацин, спрецијалниот претставник на Германија за Западен Балкан, кој е во посета на Македонија.

„Oвој процес со Северна Македонија мора да се случи, тоа е во интерес на Северна Македонија и во интерес на ЕУ. Овој европски компромис според мене е шанса. Кога видов што стои во последниот документ бев зачуден, бидејќи видов дека е тој вистински компромис во кој се земени предвид барањата на Владата на Северна Македонија. Еден компромис никогаш не е перфектен, но овој предвидува процесот на преговори да почне веднаш по неговото прифаќање без натамошни одложување и блокади“, рече тој.

Сарацин подвлече дека има разбирање за грижата за идентитетот и јазикот д, но додаде дека македонскиот идентитет и јазик за Германија се јасни и со овој предлог се сочувани.

„Во Германија ние велиме – да го направите следниот чекор. Германија ќе биде на страна на Северна Македонија и би сакал да ја придружуваме на европскиот пат“, истакна тој.

Сарацин посочи дека има разбирање и за недовербата кон бугарската позиција, но едно е многу јасно, рече тој, кога процесот ќе заврши тогаш тој  – е завршен навистина.

„Тука не се содржани блокадите од Бугарија, ќе има вистински преговарачки процес. Не можам да ветам каков ќе биде исходот од процесите во Бугарија, но сега треба да направите нешто за да се обезбедите за понесигурни времиња. Може утре да се затвори тој прозорец. Германија и ЕУ ќе направат сѐ патот на Северна Македонија кон ЕУ да биде отворен низ постапка, но без постапка овој пат не е отворен“, појасни тој.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ рече дека е горд што Владата го одбранила македонскиот интерес во преговорите со Бугарија кои биле искрен и отворен дијалог.

„Во тој процес бевме исклучиво водени од интересот на граѓаните и затоа сум горд што ги одбранивме нашите позиции и на достоинствен начин го направивме нашиот јазик и идентитет европски. Ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Историјата им ја оставаме на историчарите и овие прашања не се во преговарачката рамка. Договорот за добрососедство со Бугарија се наоѓа во општиот дел на рамката, а не во патокази според кои ќе бидеме дополнително оценувани“, рече Маричиќ на прес-конференцијата по средбата со германскиот специјален преставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Тој додаде дека е време да се запечатат македонскиот јазик, идентитет и иднина.

„Сега кога работите се поместени од мртва точка, кога се отвораат вратите за нас за да седнеме на иста маса со развиените земји, потребни се одлуки. Потребно е како држава да покажеме обединетост. Не знам на кого би му одело во прилог државата да ја оставиме во неизвесност и можни турбуленции од надворешни и внатрешни влијанија“, додаде Маричиќ.