Санкциите против НИС ќе го погодат и регионот, каде е Македонија
Македонија не увезува многу нафтени деривати од Србија, но оваа земја е наш петти најголем надворешно трговски партнер. Лани заклучно со ноември вкупната размена надмина една милијарда евра
Санкциите кон Нафтената индустрија на Србија што вчера ги воведоа САД предизвикаа сериозна загриженост кај нашиот северен сосед, но и кај земјите во регионот, поради меѓусебните економски врски и стопанската поврзаност. Во Србија, официјалните лица велат дека последиците ќе бидат тешки за српската економија, но и дека мерките нема да предизвикаат недостиг на енергенси. Во земјите од опкружувањето загриженоста исто така е голема, во зависност од тоа која земја е енергетски поврзана со Србија. Македонија не е меѓу нив, но треба да се има во предвид дека Србија е значаен трговски партнер, па проблемите таму посредно може да имаат влијание и кај нас.
Според податоците на Државниот завод за статистика, Србија е наш петти најголем надворешно трговски партнер (по Германија, Велика Британија, Грција и Кина, а пред Бугарија, Турција и Италија). Минатата година заклучно со ноември, вкупната размена со Србија надмина една милијарда евра (1,02 милијарди евра) и беше за 3,9 отсто поголема од истиот период претходната година. Ова е уште позначајно ако се има во предвид дека во истиот период лани, вкупната размена со светот беше намалена за речиси три отсто. Исто така, важно е што лани извозот од Македонија кон Србија се зголеми за 13 отсто и достигна 413,3 милиони евра, а увозот беше помал за 1,5 отсто и изнесуваше 611 милиони евра, што значи дека и традиционалниот дефицит што го имаме со оваа земја беше намален.
Лани заклучно со ноември, Македонија извезла минерални горива, мазива и сродни производи за 240,1 милиони евра, за 24,5 отсто помалку од истиот период 2023 година. Истоврмено, увозот на горива бил во вредност од 1,16 милијарди евра, 12,8 отсто помалку од истиот период претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Базата на податоци на ДЗР покажува дека лани од Србија сме увезле минерални горива, мазива и сродни производи за 50,9 милиони евра, а истовремено сме извезле за 55,2 милиони евра, што во вкупната размена не е голема бројка, иако не е и толку безначајна.
Сепак, главните последици врз Македонија може да се очекуваат преку цените на суровата нафта и на нафтените деривати на глобално ниво. Со оглед на тоа што Македонија е целосно зависна од увоз на нафта и нафтени деривати, секое нивно поскапување ќе влијае негативно врз трговскиот биланс и ќе го зголеми и онака големиот трговски дефицит. Доколку, пак, се влоши економската состојба во Србија тоа исто така ќе има одраз и врз меѓусебната трговска размена со Македонија.
Ова го потврдува и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој за „Независен“ кусо изјави дека санкциите кон НИС ќе немаат директно влијание врз македонската економија.
„Ќе немаат никакво влијание бидејќи ние многу малку увезуваме готови нафтени деривати од Србија“, вели Бислимоски.
„Единствено, санкциите влијаат на светските берзи бидејќи се однесуваат на руската нафта воопшто и вчера Брент нафтата порасна за речиси 3 долари за Барел на нешто под 80 долари“, вели Бислимоски.
Двете соседни земји имаат и големи планови на развој на енергетскот поврзување. На средбата во Скопје во октомври лани премиерите на Македонија и на Србија Христијан Мицкоски и Милош Вучевиќ раговараа за интерконекторот за гас за да се поврзат и да набавуваат природен гас преку Грција. Очекувањата се дека тоа ќе се случи до 2027 година. Исто така станало збор и дека продуктоводот кој ја поврзува Македонија со Грција би можел да се поврзе и со Србија.
Во петокот Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии објави ажурирана листа на санкционирани лица и компании, во која се споменува и Српската нафтена индустрија (НИС), која е под контрола на руски „Гаспром“ и дека ќе воведе секундарни санкции за компаниите кои имаат врски со руски компании.
Агенциите пренесоа дека САД воведоа некои од најстрогите санкции за руската нафтена индустрија до сега поради војната во Украина, насочени кон 180 бродови, десетици трговци, две големи нафтени компании и некои директори во рускиот нафтен сектор, што било наведено и во документот и конкретните решенија испратени и до српските власти.
Документот се однесува на член 11 од Извршниот налог 14024, кој дозволува воведување санкции за странски финансиски институции (ФФИ) кои учествувале во одредени трансакции поврзани со воено-индустриската база на Русија, вклучително и сите лица чии средства и интереси во имотот се блокирани според Извршниот налог 14024, се вели во извештајот Н1.
Секундарните санкции се дизајнирани да спречат трети страни да тргуваат со земји подложени на санкции издадени од друга земја – дури и ако тие трети страни не се државјани на земјата издавач или се со седиште во земјата издавач. Тие може да се соочат со казни за водење бизнис со целната земја или поединци.
Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека САД ќе воведат санкции за НИС, а на владина седница рече дека тоа ги става во тешка позиција: „Имаме проблеми со Рафинеријата, Петрокемија и другите наши гиганти, во суштина со опстанок на економијата“.
Одлуката на САД може да има далекусежни последици и врз други земји во регионот. Хрватските медиуми пишуваат дека Јадранскиот нафтовд ЈАНАФ имал склучено рекорден транспортен договор со НИС пред една година за транспорт на 10.000.000 (+/- 10 отсто) тони нафта преку системот ЈАНАФ за периодот до 31 декември 2026 година.
Хрватски „Дневник“ ја пренесува реакцијата на ЈАНАФ во која се вели дека од најавата за можното воведување санкции, компанијата интензивно соработува со надлежните ресори на хрватската влада.
„Претставници на надлежните хрватски институции соработуваат во изнаоѓање решение преку директен контакт со американската администрација. која е свесна за геостратешкото значење на ЈАНАФ за енергетската безбедност на регионот, за да се ублажат негативните последици врз работењето на компанијата“, соопшти ЈАНАФ.
Инаку, одлуката на САД остава простор од 45 дена за целосното спроведување на санкциите. Дотогаш, како што се верува, можно е прилагодување и преземање мерки кои би овозможиле деинвестирање и поддршка на сигурно снабдување со нафта на Република Србија.
Од ЈАНАФ потенцираат дека од декември 2022 година во Србија преку системот нафтоводот се транспортира само нафта од неруско потекло.
Мотивот на САД да преземе акција е да ја лиши Русија од приходите од нејзините енергетски компании со воведување санкции за повеќе од 200 поединци и субјекти кои работат во рускиот енергетски сектор, вклучително и „Гаспром нефт“ и многу нејзини подружници.
„’Гаспром нефт’ поседува 50 отсто од Српската нафтена индустрија (НИС) и Русија го користи својот дел од профитот на НИС за да ја финансира својата брутална агресија против Украина и да ја поткопа стабилноста во Европа“, ја пренесува Хина изјавата на американската амбасадорка во Загреб, Натали Рејес, која додаде дека САД тесно соработуваат со Хрватска за да го ублажат влијанието на овие санкции на САД врз ЈАНАФ или други хрватски компании и да обезбедат дека овие активности не ја загрозуваат регионалната енергетска безбедност.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека земјата со ниту еден акт не предизвикала никакви американски санкции за нафтената индустрија на Србија. Вучевиќ истакна дека граѓаните и стопанството ќе имаат доволно количества енергија, пренесува Анадолу.
Тој додаде дека додека траат разговорите со Американците за да се разјасни што значат санкциите, земјата истовремено ќе разговара со Русија за да го најде најдобриот начин за надминување на ситуацијата.
„Иако рокот не е долг, ќе ни биде доволно да најдеме решение со смиреност и одговорност“, изјави Вучевиќ за РТС.
Денеска во Србија е заменик-државниот секретар на САД за менаџмент и ресурси Ричард Верма, кој ќе се сретне со претседателот Вуќиќ, а една од темите е стратешкиот дијалог.
„Енергијата е доминантна тема овде, но не и единствена, ќе има многу отворени теми, а една од поттемите мора да биде појаснување во врска со НИС. Бидејќи ова веќе ни се случи, добро е што веќе ќе имаме состанок со висока американска делегација денес и да бидеме подобро информирани за тоа што треба да се направи понатаму“, рече српскиот премиер.
Покрај НИС, санкционирани се и подружниците на „Гаспром“ во Казахстан, Киргистан, Луксембург и Таџикистан.
Цените на нафтата скокнаа во петокот на меѓународните пазари до 79 долари, откако САД воведоа нови санкции за рускиот енергетски сектор, поттикнувајќи ја загриженоста за понудата во време на зголемена побарувачка поради ниските температури во САД и Европа.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше 1,94 долари повисока отколку на затворањето на тргувањето претходниот ден и изнесуваше 78,86 долари. За исто толку порасна цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 75,86 долари.
Пазарот беше немирен оваа недела поради сигналите дека САД би можеле да воведат нови санкции за руската нафтена индустрија.