Само што почна, Милошоски го прекина претставувањето на новите амбасадори


Преставувањето на новите амбасадори на Македонија на Комисијата за надворешна политика во Собранието само што почна, застана. Претседателот на Комисијата Антонио Милошоски даде пауза бидејќи некои од пратениците „имале работа“. Каква, не е јасно, со оглед на тоа дека работата на Собранието речиси целосно е парализирана. Успеал да се престави само кандидатот за амбасадор во Индија, Слободан Узунов, додека другите тројца – Ненад Колев за Москва, Освит Росоклија за Виена и Весел Мемеди за Рим треба да чекаат продолжување на седницата на Комисијата, за кое не се знае кога ќе се случи. 

А, денес по една година чекање требаше конечно да се одблокира испраќањето на амбасадори на Македонија во странство. Освен Мемеди, кој е партиски именуван, другите тројца се професионални дипломати од МНР, така што испаѓа дека на ВМРО-ДПМНЕ најмногу му пречи кога професионалци заминуваат во амбасадите – нешто што е во описот на нивната работа.

Ако не се продолжи Комисијата денес ќе и се направи невидена штета на државата која во отежнати услови на водење дипломатијата и одржување политички контакти, поради ковид кризата, веќе неколку години нема амбасадори во клучни места во светот, вклучувајќи ја и Москва каде треба да замине еден од амбасадорите што се преставуваат денес. Игрите во Собранието ќе продолжат очигледно, дотолку повеќе што се празни повеќе важни амбасади на Македонија во светот, како Вашингтон, Њујорк (Обединети нации), Брисел (билатерална), Белград, па и Софија… (Н.В.)