Само разговори и препораки од МОН, никакви конкретни мерки

И јас се прашувам неколкупати, зошто само во државните, а не приватните


 

Државната матура ќе се одржи, учениците по дојава за бомба ќе продолжат со наставата онлајн се единствените заклучоци на министерот за образование Јетон Шекири, само еден ден откако вчера 120 училишта беа под безбедносна закана.

– Сите знаете дека во овие случувања имаме два сегмента, безбедносниот и наставата. Секоја одлука што доаѓа од безбедносен сегмент ние ја добиваме од други институции кои се надлежни за безбедност. Од образовен аспект, вчера беше првиот ден кога ги видовме проблемите и во делот на изведување на онлајн настава. Проблемите кои дојдоа од платформата се поради тоа што вчера имаше голем број дојави, тие што добија препорака да се префрлат на онлајн настава во петокот беа подготвени, но овие кои прв пат добија дојава за бомба не беа подготвени – вели Шаќири кој денеска присуствува на состанокот на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).

Тој очекува во најбрз можен рок со сите релевантни фактори да ги дискутираат сите проблеми за семејствата на учениците кои имаат проблеми со напуштање работа за да ги земат учениците, неможност да се следи макар и онлајн.

Прашан зошто дојави за бомби има само во државните училишта, а не и во приватните, Шаќири вели дека и тој се прашува.

– И јас се прашувам неколкупати, зошто само во државните, а не приватните. Не дека сакам да има и таму, но останува прашањето – вели Шаќири.

Во врска со спроведувањето на државната матура министеорт вели дека Државниот испитен центар се подготвува.

– Ќе треба да ги преземеме сите чекори и од безбедноста за матурата да се спроведе – уверен е Шаќири. – Ние постојано разговараме во Комитетот за безбедност, но сега имаме друга ситуација, дојавите почнаа да стигнуваат во основните училишта и тоа ја менува ситуацијата.

Нагласи дека сѐ уште не се планира наставата да се префрли целосно онлајн, затоа што дојавите за бомби најмногу доаѓаат во скопските училишта, а поретко во другите градови, па не можат да донесат одлука за целосно префрлање на онлајн настава.