Само Македонија во регионот го нема инструментот уставна жалба

Нема политичка волја за воведување уставна жалба, а преку неа ќе има поголема заштита на правата на граѓаните, рече претгседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на регионалната конференција поддржана од Германија


Од регионалната конференција за инструментот уставна жалба

 

Македонија исто како и останатите пет југословенски држави делеа ист политички систем и по формирањето на независни држави, се соочија со исти предизвици: формирање на самостојни органи и институции со строга поделба на власта. Но, не сите дадовме ист одговор на потребите на граѓаните да ги остварат уставно загарантираните права. Согледувајќи го искуството во регионот, Македонија остана осамена токму по прашањето за уставната жалба, истакна претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на завршната конференција на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба”.

Темата, како што додаде таа, тангира само еден член од Уставот, односно членот 110 алинеја 3, што значи ограничени се можностите да се ползува секое право наведено во нашиот највисок правен акт.

Кацарска појасни дека воведувањето на уставна жалба ќе значи унапредување на нашиот правен систем со ново правно средство за заштита на слободите и правата. На овој начин ќе се заокружи улогата на Уставниот суд како заштитник на уставноста, законитоста и слободите и правата, но и ќе постои правен филтер пред поднесувањето на апликациите пред Европскиот суд во Стразбур. 

„Во недостигна волја и препознавање на важноста на овој правен инструмент од страна на политичките чинители и претставници од сите партии во парламентот, поддршката ја добивме од нашите пријатели од ИРЗ кои со одобрение од германското Министерство за надворешни работи вложија финансиско-експертски капацитети и помогнаа да се изработи студија за уставната жалба или меѓународно позната и  како уставна тужба“, нагласи Кацарска.

Оваа студија, како што појасни, е резултат на неколкугодишната соработка помеѓу Судот и ИРЗ и ќе даде насока за воведување на уставна жалба со којашто граѓаните на Македонија ќе имаат можност да се жалат до Судот за сите уставно-загарантирани права.

Претседателката на Уставниот суд додаде дека повеќе од 30 години во нашиот правен систем е очигледен еден, како што рече, несмасен системски пропуст, кој задира во темелите на владеењето на правото и ја подрива уставната заштита на граѓаните.  

„Барав поддршка од политичкиот естаблишмент водејќи се од темелните вредности кои ги промовира Уставот, бидејќи за воведување на уставна тужба потребна е промена на највисокиот правен акт“, истакна Кацарска.

Во оваа насока, како што рече, изразува благодарност на поддржувачите на идејата за највисока заштита на сите права на граѓаните, а особено до претседателот на Републиката, Стево Пендаровски и до министерот за правда Кренар Лога.

Таа рече дека нашиот Устав е современ, но „не и сеопфатен акт, а неговата содржина од осамостојувањето до денес е редизајнирана парцијално, и по потреба, и тоа најчесто за одредена група граѓани“.

Притоа потсети дека изминатите триесетина години архивата на Судот бележи стотици пропаднати барања бидејќи „не се заштитило некое право или некому му била ускратена слободата по конкретен основ само затоа што Уставниот суд нема надлежност да одлучува по сите основи, освен по еден член а тоа е 110 алинеја 3 од Уставот“.  

Претседателот Пендаровски изјави дека уставната тужба е потврдено ефикасно средство, а најдобар пример за тоа е токму практиката на Уставниот суд на СР Германија, чии одлуки се инспирација за многу правници кои работат во оваа област.

„Иако досега постоеја повеќе иницијативи за измена на Уставот во оваа насока, за жал, цела серија парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусиите за измени на Уставот, со цел, воведување на уставната тужба завршуваа во партиско-политички пазарења и надмудрувања за сосема други прашања кои немаат никаква врска со темата. Се надевам дека во скора иднина и политичката, освен стручната јавност, ќе ја разбере важноста на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент во реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи“, додаде Пендаровски.

Се разбира, додаде тој, во услови на непостоење на категоријата на уставна тужба во нашиот поредок, „Уставниот суд има можност, уште повеќе, да ја афирмира својата улога на заштитник на човековите права и слободи и во постојните рамки. Тука пред се мислам на вашата надлежност за постапување по барањата за заштита на слободите и правата, а особено во заштитата од дискриминација“.

Штефан Пирнер, раководител на проектната област „Југоисточна Европа I“ при ИРЗ, во изјава за медиумите кажа дека во однос на уставната жалба, Сојузна Република Германија има многу добри искуства.

„Бројките на поднесоци на Уставниот суд на Сојузна Република Германија се слични како и оние кои беа наведени денеска на конференцијата во случајот со судот во Босна и Херцеговина, односно дека 95 проценти од сите поднесоци на Сојузниот уставен суд, се уставни жалби“, соопшти Пирнер.

На прашањето што треба конкретно да се преземе во нашата земја во однос на воведувањето на уставна жалба, тој беше дециден дека најбитно е да се воведе закон за Уставниот суд.

„ Јас напишав студија за состојбата на Уставниот суд на Македонија, каде доаѓам до следниов заклучок. Основи за воведување на уставна жалба имате, бидејќи во вашиот Устав, во член 110 е вкоренета таа можност. Можноста за заштита на човековите права. А како таа ќе се заштити, ако не преку судот, кој преку своите одлуки, треба да ги заштити правата на граѓаните. Значи, уште сега без какви било други дополнителни мерки, вие можете да ја воведете уставната жалба“, истакна Пирнер.

На конференцијата зборуваа и амбасадорката на Германија во земјава Петра Дрекслер, како и претставници на уставните судии од регионот.