Само еден патник имало во возот од Скопје за Куманово – директорот демантира со видео
Катастрофална заинтересираност на граѓаните за обновената железничка линија помеѓу Скопје и Куманово. Првичните податоци покажуваат дека интересот на граѓаните е очаен пишува Денар.мк.
Попладневниот воз што вчера тргнал од Скопје во 16:30 часот, според информациите од железничките работници, имал само еден патник. Иако оваа железничка линија се смета за економично возење помеѓу двата града со цена на билет од 87 денари сепак граѓаните немаат навика да се возат со воз.
„Очекувавме барем во првите недели да има поголем интерес, бидејќи цената на билетот е поволна, но за жал, тоа не се случува. Луѓето веројатно се навикнати на автобускиот превоз, а и железничкиот сообраќај долго време беше во лоша состојба, па сега им треба време да стекнат доверба“, изјавил вработен во железничката станица во Скопје за Денар.мк
Возот сообраќа двапати дневно – утринскиот поаѓа од Куманово кон Скопје во 06:30, додека повратната линија е во 16:30 од главниот град кон Куманово.
Од „Македонски железници“ велат дека ќе следат како ќе се одвива ситуацијата во следните месеци и дека се надеваат на подобра посетеност.
„Свесни сме дека на граѓаните им е потребно време да се адаптираат. Ќе работиме на подобрување на услугите и, доколку е потребно, ќе направиме измени во возниот ред за да одговара повеќе на потребите на патниците“, брифираат вработени во оваа институција.
И покрај почетните потешкотии, железничката линија останува економична алтернатива за оние кои бараат евтин и удобен начин на патување.
Директорот демантира со видео
Директорот за влеча и одржување на возовите, Игор Коруноски, сподели видео на својот Фејсбук профил, прикажувајќи го попладневниот воз на релација Скопје – Куманово. Оваа објава доаѓа како одговор на неодамнешните тврдења дека на оваа линија се превезува само еден патник, што, според Коруноски, има за цел да ги релативизира напорите за нормализирање на железничкиот сообраќај.
Во својата објава, Коруноски истакнува дека ваквите вести се иницирани од оние кои во изминатите седум години укинале железнички линии, со намера Македонија да остане без железница. Тој нагласува дека „Македонски железници“ ќе продолжи да обезбедува услуги, дури и за еден патник, бидејќи секој патник го заслужува тоа и затоа што земјата мора да има функционална железница.
Коруноски ја завршува објавата со порака дека се радува на враќањето на секоја укината линија и на секој нов патник, потврдувајќи ја посветеноста на „Македонски железници“ кон подобрување на услугите и одржување на железничкиот сообраќај во земјата.