Сали: Би сакал да можам да кажам „од утре можеме без маски“


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Беким Сали рече дека сегашните бројки не дозволуваат олеснување на мерките, вклучително и отстранување на маските.

Малиот број вакцинирани не гарантира дека може да продолжиме без маски, смета министерот.

„Јас сум првиот што би сакал да можам да кажам дека од утре можеме без маски, би останал запаметен по оваа изјава, но на едната страна се желбите, а на другата страна бројките што ги добиваме секојдневно. Секојдневно ја следиме состојбата, имаме четири земји кои први ги ослободија мерките, но гледаме дека таму сега ја имаме ситуацијата како на почетокот“, изјави Сали.

Според него, состојбата во Македонија сѐ уште не е толку лабава за да почнеме да функционираме на стариот, нормален живот. 

Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале Ковид-19, имаат имунитет. Сите тие држави кои ги ослободија мерките имаа многу поголеми показатели. Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа се уште не сум оптимист за мерките“, рече Сали, кој смета дека за жал ние сѐуште сме на граница меѓу жолта и зелена зона, повеќе кон жолтата зона одиме.

Посочи дека веќе не е показател само бројот на новоинфицирани, многу е значајно на 100.000 жители колку се новоинфицирани, колку се хоспитализирани и колку се со последици од тоа.

– И индикаторот за хоспитализација и за новоинфицирани е позитивен. Се надевам дека оваа недела ќе испаднеме во зелена зона, меѓутоа дали ние сме подготвени да ги ослободиме мерките не сум сигурен и ќе треба да видиме што ќе одлучиме во среда на состанокот на Комисијата. Државите кои ни се репер индикаторите биле пониски од нашите, а и се вакцинирани над 80 отсто, така што и природната и вештачката имунизираност кај народот не е гарант дека нема да се врати претходната состојба, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавање нова опрема од социо-економскиот грант од јапонската Амбасада за Хируршките клиники.