Сагата за „Чебрен“ продолжува со 15. епизода. Британска. Пред еден месец таа беше арапска
Пред само нешто повеќе од еден месец, Мицкоски го стави „Чебрен“ на менито пред арапските инвеститори од Емиратите. А сега пред Британците

За проектот „Чебрен“ одамна не важи онаа народната „трета среќа“. По неуспешните 14 тендери во изминатите 33-34 години, хидроелектраната која што на Македонија треба да ѝ обезбеди таканаречена базна енергија и која што е од исклучителна важност за стабилноста на електронергетскиот систем во земјава, повторно добива нова шанса, сега во пакет со малку подзаборавената хидроелектрана „Галиште“, и уште повеќе тргнатата на страна „Орлов камен“.
Проектот вчера го актуелизираше премиерот Христијан Мицкоски, на надзорната расправа за амбиенталниот воздух во Собранието, при што рече дека за таа намена ќе се користат средства во британскиот заем, што е целосно нов момент, имајќи предвид дека при неговата неодамнешна посета на Обединетите Арапски Емирати, „Чебрен“ и „Галиште“ беа ставени на „менито“ пред богатите арапски инвеститори.
„Единствено нешто за кое што преговараме и за кое што мислам дека ќе биде добро во иднина да се направи од стратешки аспект, е изградбата на системот хидроелектрани ‘Чебрен’ и ‘Галиште’ и со една помеѓу нив, ‘Орлов Камен’ и тоа планираме да го работиме со овој заем кој што го договараме со Обединетото Кралство. Инвестицијата е 1,2- 1,3 милијарди евра“, изјави Мицкоски за време на надзорната расправа во Собранието.
Во претходниот собраниски состав, додека беше во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ жестоко се противеше на реализирањето на веќе завршениот тендер (14. по ред) за изградба на „Чебрен“ од страна на грчката фирма ППЦ – Архиродон која ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река за производство на струја со изградба на хидроелектрични централи. Според тој тендер, „Чебрен“ требаше да има инсталирана моќност од 333 мегавати и потенцијал од многу повеќе. Дополнително, ХЕЦ „Чебрен“ беше предвидено да работи во каскаден систем со постојната ХЕЦ „Тиквеш“ која е на истиот слив на Црна Река, што значи дека ќе биде каскаден систем со над 400 MW.
По силните противења во Собранието, но и од страна на дел од енергетската јавност (која сега видливо е отсутна од каква било јавна дебата за овој проект), грчката фирма се повлече, односно не ја уплати гаранцијата во предвидениот рок, по што тендерот практично пропадна.
Сега премиерот Мицкоски вели дека е „силно убеден“ дека не само од аспект на производство на електрична енергија, на нашата земја ѝ се потребни двете хидроцентрали (Чебрен и Галиште).
„Имајќи ги предвид климатските промени за иднина ќе се потребни овие два нови резервоари за вода, тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Убеден сум дека овие два резервоари за вода заедно со постојниот Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за Тиквешко Поле, 55- 60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште каде има многу земјоделци овоштари, каде се користи организираниот систем за наводнување, а којшто во одредени периоди во годината изостанува со вода, па се намалува родот и приносот“, истакна Мицкоски.
И трето, како што посочи, двете акумулации, имајќи ја предвид околијата на Мариово која што претставува „црна дупка“ и е ненаселена, а имајќи предвид дека овој предел е опкружен со планини, може да се развива и туризам.
„Тука веќе имаме заинтересирани приватни инвеститори да го опремат со придружни содржини целиот тој простор“, образложи Мицкоски.
Пред само нешто повеќе од еден месец, Мицкоски во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), за истиот проект зборуваше и со тамошни инвеститори. Во изјава за медиумите по враќањето од Емиратите, тој посочи дека пред инвеститорите биле презентирани повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои биле проекти од областа на транспортот, енергетиката, туризмот… Меѓу другото, станало збор за коридорите 8 и 10, потоа за Охрид, Попова Шапка, но и за „Чебрен“ и „Галиште“.
„Како главен приоритет тоа се проектите, односно хидроцентралите на Црна Река, а тоа се ‘Чебрен’ и ‘Галиште’. Потенцијалот во енергетиката не се ограничи само на инвестирање во хидроцентралите ‘Чебрен’ и ‘Галиште’, туку и на нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови и така натаму“, изјави тогаш Мицкоски.
Дали овој обид за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“ ќе добие завршница, или повеќе деценискиот проект ќе остане само сон?
Од Владата зрачат со оптимизам, иако досегашното искуство од неуспешните тендери упатува на воздржаност или барем на претпазливост.
Денеска, во партиско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ велат дека изминатите седум години СДСМ и ДУИ ја заборавиле животната средина, односно дека немало ниту еден проект за заштита на животна средина и намалување на аерозагадувањето, иако, токму ВМРО-ДПМНЕ беше главен кочничар во минатиот собраниски состав кога од позиција на опозиција ги закочи четирите стратегиски проекти за изградба на хидро и гасни когенеративни централи, ветерен парк…
Главниот мотив за таквото противење, како што наведуваа, беа условите за реализирање на овие проекти, каде што владата се обврзуваше за откуп на произведената електрична енергија, при што од опозицијата тврдеа дека тоа е на штета на државата.
Сега, кога е на чело на владината коалиција, некои од подзаборавените проекти се нудат повторно, а некои, како првата инвестиција најавена по преземањето на власта, онаа на „Алказар“ за парк на ветерници со капацитет до 400MW, се најавува дека ќе почне да се реалзира во наредните месеци.
Последните неодамнешни случувања во Португалија и Шпанија, кога паднаа електроенергетските системи во тие земји оставајќи голем број граѓани и институции без струја, ја покажа и ранливоста на системите од обновливите извори на енергија.
Поучени од таквото искуство, набрзо потоа кај нас беа преземени радикални мерки од страна на регулаторот и од преносниот систем, кога за време на велигденските празници беа исклучувани фотоволтаични централи за да се обезбеди стабилност на системот. Сепак, деновове и кај нас дојде до прекин на снабдувањето со струја, и тоа во ноќните часови, а за тоа сѐ уште нема официјално образложение зошто се случи.
Ова само покажува колку е неопходна изградбата на „Чебрен“ (и покрај неа „Галиште“) која што меѓу другото треба да обезбеди баланс во енергетскиот систем, односно кога има доволно производство од други извори на енергија, да биде во резерва, а да се активира кога обновливите извори немаат доволно производство.
„Чебрен“ и „Галиште“ исто така добиваат уште повеќе на важност и поради исцрпувањето на рудните наоѓалишта за РЕК „Битола“, но исто така и заради новите правила во Европа со кои оние кои своето производство го темелат на струја од фосилни горива, ќе треба да плаќаат одреден надомест односно такса.
Според последниот (пропаднат) тендер браната требаше да биде висока 192 метри, со што ќе го заземеше 67. место меѓу највисоките брани во светот.
Премиерот Мицкоски не даде дополнителни информации околу техничките карактеристики на хидроцентралите, туку само ја објави вредноста на инвестицијата која според сегашните проекции треба да изнесува 1,2 – 1,3 милијарди евра. Тоа е дваесетина отсто од најавениот британски заем од 6 милијарди евра. Дел од тие пари, како што претходно најавија од Владата, ќе бидат наменети за изградба на брза пруга односно реконструкција на постојната и изградба на нов колосек од Табановце до Гевгелија.
Инаку, идејата за „Чебрен“ започнува со првите физибилити студии уште од 1964 година. Во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ „Чебрен“. Досега имаше 14 неуспешни или пропаднати тендери.