САД воведоа санкции против руската нафтена индустрија за да ги ослабат воените напори


САД денеска воведоа опсежни санкции врз рускиот енергетски сектор во обид да го ограничат финансирањето на војната на Москва во Украина.

Санкциите се насочени кон две од најголемите руски нафтени компании, Гаспром Нефт и Сургутнефтегас, соопшти американското Министерство за финансии.

Тие се однесуваат и на 183 бродови за кои американската влада верува дека се дел од московската „флота во сенка“, бродови кои се користат за заобиколување на постоечките санкции за транспорт на руска нафта.

Дополнително, мерките се насочени кон конкретни проекти и инфраструктура за течен природен гас, како и подизведувачи, даватели на услуги, трговци и поморски осигурителни компании, соопшти Министерството за финансии.

Со новите мерки, американската влада се надева дека дополнително ќе ја ослабне руската валута, ќе ја поттикне инфлацијата и ќе ја принуди руската централна банка уште повеќе да ги зголеми своите рекордно високи каматни стапки, пренесува ДПА.

Санкциите, воведени во координација со мерките на Велика Британија, се најнови во долгата серија мерки што САД и сојузниците ги презедоа од почетокот на руската целосна инвазија на Украина за да ги ослабат приходите и воениот капацитет на Москва.