САД ослободува руски кибер криминалец во размена на затворeници со Москва


Администрацијата на Доналд Трамп се подготвува да ослободи руски кибер престапник како дел од размената на затвореници со Москва во која американскиот учител Марк Фогел синоќа беше ослободен од руски затвор, соопшти денеска Њујорк тајмс повикувајќи се на тројца американски владини претставници.

Изворите укажале дека во тек е подготовка на Русија да биде предаден Александар Виник, кој во 2024 година се изјасни за виновен за перење пари, а како дел од размената за Фогел. Еден од претставниците изјавил дека Виник сторил ненасилно кривично дело и дека во рамките на размената се откажува од имот вреден десетици милиони долари.

На синоќешниот брифинг од својот кабинет, Трамп изјави дека неговата администрација го добила американскиот државјанин во замена „за ништо посебно“. сугерирајќи дека постигнал добар договор. Подоцна тој ја опиша размената како „многу фер“ договор.