САД одржаа „конструктивни разговори“ со Украина и европски претставници во Мајами
САД соопштија дека одржале „конструктивни разговори“ со Украина на средба во Флорида, на која биле поканети и претставници на неколку европски земји.
Преговарачите од САД, Украина и Европа одржале шестчасовни разговори во Мајами со цел да постигнат согласност за заеднички предлог за прекин на војната во Украина, објавија американски медиуми..
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, ги поздрави „конструктивните разговори“ во објава на платформата Икс (X), без да прецизира дали тие ќе продолжат и денеска, како што беше првично планирано.
Разговорите биле насочени кон „краткорочни мерки поврзани со подготовките за зимата, вклучително и енергетската отпорност и извозот на жито, како и безбедносните гаранции“, но и кон долгорочни договори за безбедноста на Украина и Европа, наведе Виткоф.
Средбата, сепак, делумно беше засенета од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за договор за испорака на руски дизел на американскиот и на светскиот пазар.
На средбата во Мајами присуствувал и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, како и претставници на САД од Советот за национална безбедност и од Министерството за финансии.
Од европска страна, Вашингтон ги поканил советниците за национална безбедност на Франција, Германија и Велика Британија. Европската Унија била претставена од шефот на кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така го испратил својот шеф на кабинетот.
Во меѓувреме, во телефонскиот разговор со Трамп, рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека Киев ја пропуштил можноста за итно обновување на трилатералните мировни преговори за Украина, откако минатиот месец извршил напади со беспилотни летала врз Москва за време на изборите, соопшти Кремљ.
– Со изведувањето масовен напад со беспилотни летала врз Москва, други градови и избирачки места, како и врз конкретни лица вклучени во организацијата на изборите, токму на денот на гласањето, Киев практично ја осуети можноста за итно обновување на преговарачкиот процес – изјави Јуриј Ушаков, советник на Кремљ за надворешнополитички прашања.
– Како што рече претседателот Путин, сега треба да размислиме кога би можеле да бидат обновени овие преговори – додаде Ушаков, мислејќи на трилатералните разговори во кои учествуваат САД, Русија и Украина.