САД и ЕУ ги разгледуваат опциите да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта

Официјални лица од САД и Европската унија разговараат за можни мерки на ЕУ за ограничување на увозот на руска нафта и намалување на приходот што Москва го добива од продажбата на суровини. Блумберг бил информиран за ова од извори блиски до преговорите.
Меѓу опциите што ги разгледуваат САД и ЕУ се целосна забрана за снабдување, поставување ограничување на цените и користење механизам за порамнување.
Целта на разговорите е да се утврди каков „најсилен можен удар“ може да му се нанесе на рускиот претседател Владимир Путин, изјави еден од изворите.
Во исто време, САД стравуваат дека целосната забрана на испораките на руска нафта во ЕУ може да доведе до нагло зголемување на цените на овој енергетски носач и да донесе уште повеќе приходи за Кремљ. Еден од соговорниците на Блумберг рече дека на земјите од ЕУ ќе им биде полесно да постигнат консензус за ограничување на увозот на сурова нафта отколку за ембарго на дизел гориво и други производи.
Од руската инвазија на Украина, Европската унија веќе воведе пет пакети санкции против Русија. Сега европските власти го развиваат шестиот. Според шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тој ќе ги прошири санкциите против рускиот банкарски сектор, како и ќе воведе ограничувања против енергетскиот сектор.
Како што објави „Политико“, Брисел на почетокот на следната недела ќе претстави нов пакет санкции до земјите на ЕУ. Според изданието, тоа може да вклучува „одредена забрана“ за увоз на руска нафта и исклучување на уште неколку банки од меѓународниот платен систем Свифт.
Според Блумберг, ЕУ сега ѝ плаќа на Русија околу една милијарда евра дневно за снабдување со енергија. САД на почетокот на март го забранија увозот на руска нафта.