САД донираа 29 нови оклопни возила за македонската армија


САД донираа 29 нови оклопни возила за македонската армија. На денешната презентација на возилата во штипската касарна „Јане Сандански“, присуствуваа амбасадорката на САД во земјава Ангела Агелер, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

„САД секогаш даваат поддршка и се тука кога треба да разговараме во делот на модернизација на македонските вооружени сили и убеден сум дека како стратешки партнери, можеби ние сме во случајот многу помал партнер споредено со САД, но сме значаен партнер бидејќи партнерствата се градат се одржуваат и во таа насока ќе продолжиме во годините коишто следат“, рече Мицкоски.

Министерот Мисајловски  истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.

„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство”, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.

Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.

Амбасадорката Агелер подвлече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден “силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина.”