САД даваат 25 милиони долари за апсење на претседателот на Венецуела, Мадуро


САД вчера воведоа санкции за осум венецуелски функционери и на 25 милиони долари ја зголемија наградата што ја нудат за апсење на претседателот на земјата, Николас Мадуро, на денот на неговата инаугурација за трет мандат по спорните избори одржани минатата година, пренесуваат британските меидуми.

САД понудија и награди за информации што ќе доведат до апсење или осудување на министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело, а понудена е и нова награда до 15 милиони долари за министерот за одбрана Владимир Падрино, јави Би-Би-Си.

САД санкционираа осум венецуелски функционери, вклучително и неодамна назначениот директор на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА, Хектор Обрегон и министерот за транспорт Рамон Веласкез.

Во исто време, Велика Британија санкционираше 15 лица поврзани со режимот на Мадуро, вклучително и судии и службеници од безбедносните и воените сили, за наводно кршење на човековите права и поткопување на демократијата и владеењето на правото.

Британската влада објави дека целта на санкциите е одговорните за човековите права и антидемократските активности да се изведат „пред правдата“.

Земјите-членки на Европската унија ги проширија санкциите против Венецуела на 15 нови членови на Националниот изборен совет, судството и безбедносните сили на земјата.

Во моментов во Венецуела вкупно 69 лица се предмет на санкции на ЕУ, кои вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за патување во ЕУ, пренесоа британските медиуми

Претседателот Николас Мадуро и неговата влада секогаш ги отфрлаа санкциите на САД и другите земји, тврдејќи дека тие се „нелегитимни“ и претставуваат „економска војна“ насочена кон ослабување на Венецуела.