Русковска вели дека Јовески не е во право – не можел да се меша во конкретните предмети


Фото: Б. Грданоски

 

Недоразбирањето меѓу двајцата клучни обвинители во Македонија се продлабочува. Откако државниот обвинител Љубомир Јовески, соопшти дека при претресот во Финансиската полиција од страна на Обвинителството за организиран криминал имало пропусти, некои дури и намерни, шефицата на ова одделение, Вилма Русковска го оспори извештајот.

Русковска во изјава за Алсат вели дека јавниот обвинител нема законско право да се меша во постапувањето по конкретен предмет. Претходно од ОЈО соопштија дека констатирале неправилности кај обвинителите што извршија претрес на работата на директорот на УФП Арафат Муареми. Оттаму додаваат дека од обвинителките биле побарани одредени информации, но Русковска негира дека и таа била повикана да даде изјава.

„Не, од мене не е побарано да доставам изјава“, изјави Русковска.

Понатаму, од ОЈО информираат дека лицата од Управата над кои се вршел претресот имаат полициски овластувања, па затоа за нив може да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.

Според Русковска, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Во секој случај, додава таа, предметот може да се презаведе од еден уписник во друг и тоа е законски.

Во однос на тоа дека од ОЈО утврдиле неправилности и при барањето за претрес, што го одобрил надлежниот судија, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал вели дека судот е тој кој одлучува дали има основи за издавање наредба за претрес.

„Дали има основи за издавање наредба за претрес одлучува Судот, не јавниот обвинител. Доколку некој сметал дека претресот е незаконит, можел да вложи жалба до Кривичниот совет на судот. Колку што ми е познато, таква жалба не е вложена“, вели Русковска.