Русковска бара помош од ЕУ и САД да се справела со притисокот на Муареми

Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал вели дека „Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија“ и бара да не се врши притисок врз истрагите


Фото: Б. Грданоски

 

Работите во односите меѓу директорот на Финансиската полиција и шефицата на Одделението за гонење организиран криминал се вжештија до толку големи размери што Вилма Русковска побара помош од САД и ЕУ за да се справи од наводните притисоци. Ова нејзино драматично обраќање покажува дека можеби длабочината на проблемот не е само во односите меѓу Русковска и Муареми.

Во едно за досегашни прилики целосно неочекувано обраќање до јавноста и меѓународните партнери на Македонија, Вилма Русковска покажа дека нејзината исклучително моќна позиција н не била толку моќна во, како што тврди, спротивставувањето на притисоците од страна на директорот Арафат Муареми кој е поставен од страна на Владата. Муареми денеска најави дека ќе поднел кривични пријави против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска од ОЈО ГОКК, дополнително заострувајќи го судирот меѓу двете институции кои се најзадолжени да се борат притв корупцијата и организираниот криминал. И покрај сите податоци, јавноста не може до крај да разбере што навистина се случува, особено по кривичната пријава против Муареми и претресот што обвинителите го направија во неговата канцеларија со дозвола од судот.

Во обраќањето до амбасадата на САД и ЕУ таа вели дека е подготвена да ги соопшти деталите на јавноста за да може таа да утврди „кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“. Русковска изнесува детали и за нејзината досегашна работа, но и за историјата не нејзиното семејство.

„Јас како обвинител со стаж повеке од 34 години, а како обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ во далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа и угледот ги имам научено од мала возраст од моите родители, кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт“, вели Русковска.

Таа вели дека бил „згрозувачки“ притисокот од страна на Муареми. „Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР во медиумите, вистината мора да излезе на виделина“, вели Русковска.

При тоа испраќа повик до повеќе адреси:

„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми“, вели Русковска.

Според неа, во државата има криминал, но има и притисоци тој да не се гони. Па, прашува – како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица Јанева, Ременски, Рашковски и Зеќири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери?

Русковска нагласува дека ова што се случува не ѝ доликува на земја-членка на НАТО и држава која ги почнала преговорите со ЕУ, каде владеењето на правото е императив. „Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери, за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, вели Русковска и поентира:

„Никогаш нема две вистини. Има само една“. (Н.В.)