Рускоска за Камчев: Човекот ми веруваше, си плати и доби една година затвор


Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во гостување на српската телевизија „Хепи”, одговарајќи на прашања за својата работа, ја споменува спогодбата склучена со бизнисменот Јордан  Камчев во случајот „Империја“ велејќи дека таа се случила бидејќи тој имал доверба во неа. Таа низ смеа вели: „Човекот си уплати и потпишавме, ама не пред парите да легнат на сметка“. 

„Македонија е мала земја, оние против кого се водат истраги ме познаваат и знаат дека и да ми дадат непристојна понуда, јас нема да ја прифатам. Имаат доверба во мене. Еве, на пример Јордан Камчев имаше доверба во мене и се спогодивме. Тој плати 5 милиони евра на име данок и доби една година ефективен затвор. Досега во Македонија не се случило некој да каже, да виновен сум, колку треба да платам по вештачењето? Човекот уплати и потпишавме, ама не пред да легнат парите”, одговори Русковска низ смеа.

За тоа дали Обвинителството апси врз основа на правен систем или тоа Европа го бара од нив, Русковска вели дека апсат само врз основа на докази.

„Не е тоа на барање на Европа. Беа изненадени и Европа и Америка. Се работи за класична злоупотреба на службената положба. Нашата, а и ваша естрадна ѕвезда Боки 13 буквално ги рекетираше луѓето и им земаше големи суми на пари. Таа (Катица Јанева) му кажувала за предметите кој се во истражна и предистражна постапка и против кого се водат”, вели Русковска во интервјуто.

На прашањето дали се праќале бунди, пари… за да се врши тој рекет, Русковска одговори дека за бундите не знае, но за парите имале докази.

„За бундите не знам точно, немавме докази за тоа. Ама за парите да, имавме докази дека таа му праќала пари. Боки 13 не помагал во борба против корупцијата, напротив. Тој отворил телевизија , но на крајот се испостави дека со тоа требало да дојде до што повеќе пари, а не дека тоа било желба борбата против корупција”, додаде Рускоска. За Груевски, обвинителката вели дека прочитала оти тој отворил четири претпријатија таму и дека има профит од 50.000 евра годишно.