Руските сили во Украина би можеле да бидат поразени до крајот на годината
Пензионираниот американски генерал-полковник Бен Хоџис проценува дека руската инвазија врз Украина би можела да заврши наредната година доколку Западот продолжи воено да го поддржува Киев.
„Русите се исцрпени, нема многу работи што сега можат да ги направат како што треба“, вели тој.
Хоџис тврди дека украинските сили имаат морална предност пред Русите.
Според него, Русите немаат значајна предност во огнена моќ. Опремувањето на украинските сили со оружје со голем дострел им овозможува да ја гаѓаат руската артилерија , складиштата со муниција и командните места, со што се анулира единствената предност што ја имаат Русите на боиштето.
„Доколку Запад продолжи со поддршката на Украина оваа година, сметам дека до 2023 војната ќе биде завршена“, заклучува тој.
Британското Министерство за одбрана пак соопшти дека руските и проруските сепаратистички сили на Луганската Народна Република тврдат дека влегле во предградието на Сиверск во украински Донбас.Нагласувајќи дека извештаите не се потврдени, британското Министерство објави дека руските сили полека напредуваат кон запад и планираат напади кон Сиверск од Лисичанск за да го отворат патот кон Славјанск и Краматорск.
– Бахмут најверојатно ќе биде следната цел откако ќе биде обезбеден Сиверск, се вели во извештајот.
Институтот за проучување на војната, исто така, соопшти дека Русија најверојатно подготвува офанзива од големи размери долж линијата Славјанск-Сиверск-Бахмут.
Руските медиуми вчера јавија дека украинскиот град Сиверск е под контрола на сојузничките сили на Русија и на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР).
– Нашите трупи го контролираат Сиверск, така што непријателот сега може да биде погоден со прецизен оган на целата територија на градот, изјави првиот заменик-министер за информации на ДНР Даниил Безсонов за телевизискиот канал „Соловјев во живо“.
Тој претпостави дека украинските сили ќе се повлечат од Сиверск побрзо „отколку што се повлекле од Лисичанск“.