Рускиот „генерал Армагедон“ под притисок да покаже резултат во војната
Воените јастреби и жестоките националисти го фалат генералот Суровикин, но бараат од него акција со која ќе го повратат срамот од повлекувањето од Херсон
Водечките руски воени јастреби ја поддржаа понижувачката одлука на силите на Москва да се повлечат овој месец од украинскиот град Херсон, но командантот кој го поддржа потегот сега е под зголемен притисок да докаже дека тој потег бил вистински.
Сергеј Суровикин, наречен „генерал Армагедон“ од руските медиуми поради неговата репутација како безмилосен воен лидер, на 9 ноември препорача московските сили да се повлечат од Херсон и западниот брег на реката Днепар, тврдејќи дека таму се во опасност.
Суровикин, 56-годишен ветеран од војните во Чеченија и Сирија, кој беше одликуван од претседателот Владимир Путин, рече дека повлекувањето, кое заврши два дена подоцна, ќе ѝ овозможи на Москва да ја спаси опремата и да ги распореди силите таму, според проценките на САД зборуваат за 30.000 луѓе, да се приклучат на офанзивите на друго место.
Оттогаш, некои војници се преместени од јужните региони во источна Украина, каде борбите се жестоки, а Херојот на Русија е под притисок да покаже дека ја донел вистинската одлука пред почетокот на зимата.
„Ги чекаме вашите брилијантни резултати и се молам за вас, се молам за вас секој ден“, рече Маргарита Симонјан, тврдокорната главна уредничка на РТ и една од главните јавни поддржувачи на војна, во телевизиското интервју со Суровикин минатата недела.
Симонјан го повика Суровикин – крупен човек со избричена глава, кој беше прикажан на телевизија како зборува кратко и јасно како воен човек – да ги игнорира „глупостите“ на критичарите – повикување на влијателни воени блогери незадоволни од повлекувањето на трупите под негова команда.
Еден од тие блогери, Владлен Татарски, кој има повеќе од половина милион следбеници на социјалната мрежа Телеграм, беше налутен од посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Херсон по повлекувањето на руските војници и праша зошто Москва не го убила.
„За што ја пролеваме нашата крв? Зошто Зеленски може безбедно да оди во Херсон?“, праша Татарски во видео-објавата. „Симболично, ќе беше одлично ако ‘Геран’ (вид на дрон) слеташе на неговата глупава глава, но тоа не се случи. Зошто? Или ќе имаме целосна војна или… ништо нема да се случи“.
Тензијата расте
Рускиот националист Александар Дугин (чија ќерка Дарја беше убиена надвор од Москва во август, вели Русија – од страна на украинската држава), го зголеми притисокот врз Суровикин, велејќи дека Херсон е последното парче украинска земја од кое Русија може да си дозволи да се откаже.
Херсон е „последната граница на повлекување“, рече Дугин во националистички онлајн медиум „Царград“.
Високи руски владини претставници и воени јастреби велат дека сакаат да го вратат Херсон во одреден момент, што се чини малку веројатно во скоро време.
Исто така, заземањето нови позиции на исток против високо мотивираната и опремена западна украинска армија е лесна задача, особено во зима.
Киев, од своја страна, вети дека ќе продолжи да ја враќа контролата врз териториите, а руските власти предупредија дека се сомневаат оти Украина може да се обиде да отвори трет фронт на запад со силите префрлени од Керсон.
Некои сакаат и Суровикин да ја засили руската кампања за бомбардирање на енергетската инфраструктура на Украина, тактика за која Кремљ вели дека има за цел да ја доведе Украина на преговарачка маса.
Владимир Соловјов, еден од најистакнатите водители на руското ултра-националистичко политичко ТВ-шоу, минатата недела рече: „Се обраќам кон херојот на Русија, армискиот генерал Суровикин: Другар армиски генерал, ве молам да го завршите целосното уништување на енергетската инфраструктура на нацистичката украинска хунта“.

Други коментатори на државната телевизија почнаа јавно да го преиспитуваат начинот на кој се води војната, иако ова се веројатно внимателно осмислени потези кои имаат за цел да остават впечаток на вистинска јавна дебата.
Еден од нив, Дмитриј Абзалов, се пожали на, како што рече, информативниот вакуум, велејќи дека би сакал да научи „за разновидност, барем еднаш“ кои се конкретните цели на Москва во Украина.
Друг, Максим Јусин, во етерот се пожали на лагите за кои рече дека некои политичари ги шират на државната телевизија, фалејќи се дека руските сили се толку силни што ќе можат да стигнат до „полската граница, Берлин, Ламанш и Лисабон. Тоа е кловнијада“, рече Јусин.
Некои од сопругите и мајките на мобилизираните се организираат во обид да извршат притисок врз Министерството за одбрана, незадоволни од, како што велат, несоодветната обука и опрема. Досега нивниот број е релативно скромен, а некои од нивните поплаки, кои во голема мера беа отфрлени од Министерството за одбрана, се совпаѓаат со оние што ги искажаа јавните личности кои ја поддржуваат војната.
Жртвено јагне
Со назначувањето на Суровикин на 8 октомври, Русија за првпат јавно назначи врховен командант на своите сили во Украина.
Повлекувањето од Херсон помина побрзо и полесно отколку што очекуваа многу западни воени аналитичари. Висок американски воен претставник изјави за Ројтерс дека е „релативно методично и дисциплинирано“ во споредба со претходните руски повлекувања.
Британското воено разузнавање се согласи со таа проценка, велејќи во неделата дека силите на Москва веројатно успешно ја ограничиле загубата на воена опрема и го уништиле она што го оставиле зад себе.
Руската војска и понатаму страда од слаба команда на најниското и средното ниво, велат разузнавачите, но „…овој релативен успех веројатно делумно се должи на поефикасната, обединета оперативна команда на генералот Сергеј Суровикин“.
Според министерот за одбрана на Украина и западните дипломати, генералот се чини дека наметнал построга дисциплина и под негова палка биле извршени побезмилосни напади врз инфраструктурата.
„Суровикин направи голема промена во начинот на работа“, изјави Ентони Брентон, поранешен британски амбасадор во Русија. „…има поголемо чувство на кохерентност и разум во она што Русија го прави сега на воен план.
Во некои руски кругови, назначувањето на генералот се смета за создавање на потенцијално жртвено јагне, истовремено отфрлајќи ги директните критики од Путин и, во помала мера, од министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
„Очигледно беше дека назначувањето и пофалбите на Суровикин за него барем делумно се должат на потребата да се создаде личност која ќе има мандат да преземе ‘срамни’ акции што Путин не беше подготвен да ги преземе во свое име“, рече Александар Баунов. поранешен руски дипломат кој сега е висок соработник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир.
Суровикин одговара на барањата, вели Баунов, бидејќи неговиот имиџ како Сибирец подготвен да користи брутални тактики за постигнување резултати ги привлекува руските националисти, а во нивните очи тој имаше овластување да го иницира и води повлекувањето без да стане причина за опасни внатрешни несогласувања.
„Генералот заврши половина од работата, сега ќе се очекува да ја заврши и втората половина“, вели Баунов. „За некои ова треба да биде нова офанзива која ќе докаже дека сите повлекувања всушност биле тактички маневар. Други ќе го ценат ова како начин да се принуди Украина да започне мировни преговори според следната формула: градот Херсон во замена за мир, струја, вода и греење во украинските градови“.
Конрад Музика, полски одбранбен аналитичар кој неодамна се врати од Украина, рече дека по Херсон, дојде моментот на вистината за руската војска. Со исклучок на градот Лисичанск, во источна Украина, рече тој, целата територија што ја држи Русија изгледа како одбрана. „Сега сè зависи од воените команданти, од квалитетот на опремата и способноста на нивните војници да примат удар од Украина, да ја задржат линијата и потоа да се обидат некако да извршат контранапад“, рече тој. (Ројтерс)