Руската компанија „Јандекс“ соопшти дека нејзиниот центар за податоци во градот Владимир прекинал со работа по украински напад со дрон


 Руската технолошка компанија „Јандекс“ соопшти дека нејзиниот центар за податоци во градот Владимир, кој се наоѓа на околу 200 километри источно од Москва, ја прекина работата поради технички оштетувања предизвикани од украински напад со дронови.

„При напад со беспилотни летала беше оштетена инфраструктурата кај центарот за податоци на ’Јандекс‘ во Владимир. Работата на центарот за податоци е целосно прекината. Нема повредени“, се вели во соопштението на компанијата објавено на Телеграм.

Во текстот се забележува дека соодветните служби веќе работат на терен за отстранување на оштетувањата.

Претходно оваа недела, украински дронови погодија центри за податоци на „Јандекс“ во Калушката и Рјазањската област.

Русија и Украина годинава ги засилија своите напади со дронови врз различни економски објекти – енергетски централи, рафинерии за нафта, пристаништа, бродови кои превезуваат нафта и жито, а во последно време и врз центри за податоци.

Русија во текот на минатиот месец почна воздушна кампања против украинските центри за податоци и телекомуникациската инфраструктура, при што целите вклучуваа и објекти во централниот дел на Киев.

– Секогаш одговараме на реципрочен начин. Сите знаете дека тие ги гаѓаа и продолжуваат да ги гаѓаат нашите центри за податоци. Ние одговараме. Не можам да ги споделам сите детали – изјави во четвртокот украинскиот претседател Володимир Зеленски.