Русија: Пишуваш против Путин, добиваш забрана за работа


Главниот уредник на „Проект“, Роман Баданин, е прогласен за „странски агент“ (Фото: АП)

Истражувачкиот медиум „проект“ е забранет во знак на одмазда затоа што објави засрамувачки информации за претседателот и врвни функционери на Кремљ

 

Војната на Кремљ против независното новинарство во Русија ескалира откако истражувачкиот медиум „Проект“ беше забранет во чин на одмазда за серија длабоко засрамувачки откритија за Владимир Путин и врвни официјални лица на Кремљ.

Ретката одлука за забрана на критички медиум доаѓа во времето на  новиот бран истражувачки вести во Русија, кои се натпреваруваат да објават штетни истрагиза највисоки функционери.

Државните медиуми во четвртокот објавија дека руското Министерство за правда го додало „Проект“ на списокот на „непожелни организации“, што значи дека неговите новинари мора да престанат да работат за страницата или да се соочат со кривично гонење и додадоа осум новинари, вклучувајќи го и главниот и одговорен уредник на Проект, Роман Баданин , во регистар на „странски агенти“. Неколку известувачи на Радио Слободна Европа/Радио Слобода и Отворени медиуми, исто така, беа прогласени за странски агенти.

Нелегално е за другите новински агенции да поврзуваат или директно да цитираат материјали од непожелна организација, што значи, теоретски, тие ќе мора да ги прочистат своите архиви од какво било упатување на работата на „Проект“ или евентуално да се соочат со кривични пријави. Статусот, исто така, му забранува на „Проект“ да бара средства за финансирање; нивните донатори исто така може да се соочат со обвиненија.

Нападот врз „Проект“ е последен од нападите врз критичните и независни медиуми во Русија – веб-страниците за вести како „Медуза“ и „ВТимес“ беа прогласени за странски агенти (последната е веќе затворена), новинарите од студентското списание „ДОКСА“ беа судени, истражувачкиот дел од организацијата на Алексеј Навални е прогласен за „екстремистички“, а милиони се бараат од казни против РСЕ финансирана од САД.

Но, тоа е прв пат еден медиум експлицитно да биде забранет според законот (најблизок пример е затворањето на медиумската рака на „Отворена Русија“ на Михаил Ходорковски) и се чини дека укажува на тоа како „Проект“ допрел нерв во Кремљ со истрага на највисоки функционери и чувствителни субјекти, како одговорот на Русија на Ковид-19 и нејзиното распоредување платеници во Африка.

Минатата недела, Баданин и уште двајца вработени во „Проект“ беа цел на претрес на домовите од страна на полицијата, која соопшти дека истражува истрага за случајот со клевета стар четири години. Но, вработените во „Проект“ ги врзаа претресите со нивните планови за објавување експлозивна истрага против министерот за внатрешни работи, Владимир Колоколцев, во која се тврди дека членовите на неговото семејство станале зачудувачки богати од неговото назначување во 2012 година и дека тој бил осомничен оти имал врски со организиран криминал.

„Проект“, исто така, објави истраги за некои од најопасните соработници на Путин, вклучително и шефот на Чеченија, Рамзан Кадиров и бизнисменот Евгениј Пригожин. Користејќи информации за имот и пасош, веб-страницата, исто така, минатата година во статија тврдеше дека Путин има ќерка од тајна љубовница. (Гардијан)