Русија ќе увезува „ајфони“ и автомобили без дозвола на производителите

Владата подготвува паралелен увоз на огромен број стоки, како автомобили и телефони, со заобиколување на дозволите


Русите се подготвени да платат неколку илјади долари повеќе за да го купат новиот модел на „ајфон“

 

Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација подготви список на производи кои се предлагаат да се увезат во Русија како дел од паралелниот увоз, односно без дозвола на носителот на авторските права. Ова го пренесуваат „Известија“ и Интерфакс, повикувајќи се на примерок од налогот на Министерството за индустрија и трговија.

„Известија“ пишува дека одделот понудил да продаде повеќе од 50 групи стоки од повеќе од 200 марки без дозвола на носителот на авторските права. Според Интерфакс, значајно место на листата заземале автомобилски марки, меѓу кои „тесла“, „лендровер“, „џип“, „јагуар“, „крајслер“, „бентли“, „кадилак“, „шевролет“, „волво“, „хјундаи“, „фолксваген“, „нисан“, како и губите „мишелин“, „гудјир“, „континетал“, „бриџстоун“.

Министерството, исто така, предложи да се дозволи паралелен увоз на телефони на „Епл“, „Самсунг“, „Сони“, „Нокиа“, лаптопи, апарати за домачинство, „плејстејшн“ и други конзоли за игри.

Списокот ја споменува опремата за рударство, електрична енергија, железница и поморство, земјоделство, преработка на дрво и други индустрии.

Од Министерството за индустрија и трговија не ја потврдија автентичноста на документот, со напомена дека тој се регистрира во Министерството за правда.

По руската инвазија на Украина, стотици големи меѓународни компании кои работат на различни области најавија дека ќе ја прекинат својата работа во Русија, вклучително и доставувањето на нивните производи во Руската Федерација.

На крајот на март руската влада го легализираше паралелниот увоз со цел „да ја задоволи побарувачката за стоки што ги содржат резултатите од интелектуалната активност“, изјави рускиот премиер Михаил Мишустин.