Русија изврши серија ноќни напади врз енергетската инфраструктура во Украина
Руската армија во текот на изминатата ноќ продолжи со напади врз енергетски објекти во Украина, објави Министерството за одбрана на Русија.
Во руските напади во текот на ноќта погодени се електричните трафостаници во Вилногорск, во Дњепропетровскиот регион, како и во Кременчук во регионот Полтава, како и во Перејаслав и Јаготин во регионот Киев.
Министерството на социјалните мрежи објави дека нападнатата инфраструктура ги снабдувала компаниите во украинскиот воено-индустриски сектор.
Воедно, руската армија погодила и брод што „превезувал оружје и воена опрема“ североисточно од Одеса, како и танкер што „испорачувал гориво и други деривати“ за украинската армија, соопшти руското Министерство за одбрана.
Оттаму додаваат дека и брод што „носел стока со двојна намена за украинските вооружени сили“ бил погоден источно од Одеса.
Покрај тоа, руската војска во текот на изминатата ноќ пресретна и уништи 155 украински беспилотни летала, соопшти руското Министерство за одбрана во посебна порака на Телеграм.