Русија го поздрави затворањето на УСАИД
Руското Министерство за надворешни работи денеска ја поздрави одлуката на новата американска администрација да ја затвори Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), која Москва ја смета за „машина за мешање“ во работите на други земји.
– Единствено од што сме задоволни е што се што кажавме се оствари, рече портпаролката на Министерството Марија Захарова, осврнувајќи се на повеќекратните руски критики кон УСАИД.
Русија го протера УСАИД од својата територија во 2012 година, обвинувајќи ја агенцијата за финансирање на протестите на опозицијата против Кремљ и мешање во изборите.
Русија ја обвини американската агенција дека ги поддржува антивладините движења во соседните земји, особено Украина и Грузија, со цел да се доведат на власт луѓе кои се про-Вашингтон и непријателски настроени кон Москва.
– Тоа е сè освен агенција за помош, развој и асистенција. Тоа е машина за мешање во внатрешните работи. Тоа е механизам за промена на режимот, политичкиот поредок, структурата на државата, рече Захарова.
Американската агенција вчера соопшти дека целиот нејзин персонал во САД и во светот ќе биде на „административно отсуство“ почнувајќи од петок.
Агенцијата сега е ставена под надзор на американскиот државен секретар Марко Рубио.
УСАИД, основана во 1961 година со акт на Конгресот на САД, управува со буџет од повеќе од 40 милијарди американски долари, наменет за хуманитарна помош и развојна помош ширум светот. Вработува околу 10.000 луѓе, од кои две третини се испратени во странство.