Румен Радев влезе во конфликт со ЕУ – имало преголема поддршка за Македонија

Бугарскиот претседател им испрати долго писмо на европските лидери и институции како реакција на изјавата на Жозеп Борел. Во него има цела листа на поплаки


Румен Радев посебно ја нагласува резолуцијата на германскиот Бундестаг

 

Во долго писмо до европските лидери и институции бугарскиот претседател Румен Радев се жали и на однесувањето на ЕУ спрема европските аспирации на Македонија, и на некои земји-членки, и на лобирањето на Скопје во Брисел, и на усвоената резолуција на германскиот Бундестаг, и дека македонските власти не исполнувале ништо од она што било договорено со усвојувањето на преговарачката рамка лани во јули. Но не споменува ниту еден збор за однесувањето на официјалните бугарски органи.

Тој уште, со доза на предупредување, го критикува ставот во резолуцијата на Бундестагот со кој се повикува Бугарија да не поставува дополнителни услови за прием на Македонија во ЕУ. Според Радев, вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија бил „само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство. Но тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија“. Радев дури е и загрижен дека и други земји имаат намера да донесат слични резолуции за македонскиот јазик и идентитет како онаа на германскиот Бундестаг.

Оваа остра порака на Радев доаѓа откако шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека нема пречка за пристапување на Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки за напредокот на Скопје кон Унијата.

„Македонија добро напредува и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиниот пристап во ЕУ. Во овој пристап строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За ова дефинитивно е неопходна добра соработка и регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизација, за да може да се спроведе процесот на пристапување. Но, билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки и нема да го одредат процесот на пристапување“, рече Борел на прашањето кои би биле следните чекори на блокот доколку Македонија до ноември не го промени уставот и не го внесе во него бугарското малцинство.

Очигледно многу различни сили се вклучени во обидот во Македонија да не успеат уставните измени, а државава да остане заглавена на европскиот пат. Радев оди и чекор понатаму – ги обвинува европските лидери и институции што ги поттикнуваат европските амбиции на Македонија.

Новата влада на бугарскиот премиер Николај Денков најави дека сака да ја смири ситуацијата по инцидентите со бугарските клубови и некои нивни членови и го повика и Скопје да работи на истата цел. Но Радев, како што пишуваат и бугарските медиуми, ја користи секоја можност да се закани и да предизвика слична реакција од македонската страна.

Еве некои детали од долгото писмо на Радев до европските лидери и институции околу европската интеграција на Македонија.

Радев нагласува дека тој отсекогаш ја изразувал и бранел принципиелната позиција на Бугарија за доследна поддршка на европската интеграција на Северна Македонија – „земја блиска до нас, со која споделуваме заедничка историја, традиции, културно наследство. Истовремено, бугарската држава отсекогаш ги истакнувала главните принципи на кои се заснова процесот на проширување на ЕУ – оние на сопствените заслуги и исполнувањето на критериумите за членство преку сеопфатни општествено-политички реформи… во овој процес посебен фокус има прашањето за почитување на принципите на добрососедство и човекови права“.

Според него, компромисот постигнат од Европскиот совет во јули минатата година, сѐ уште не довел до решение на проблемите. „Наместо да работи на исполнување на условите, Скопје повторно се залага за активно лобирање за прикривање на недостигот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство. Се интензивираат нападите и јазикот на омраза кон Бугарија, се воведуваат ‘црни списоци’ за забрана за влез на бугарски државјани, се газат правата на бугарската заедница… Оваа атмосфера во голема мера го попречува развојот на трговските, економските и културните врски меѓу двете земји“, се вели во писмото.

Радев посебно ја издвојува резолуцијата на германскиот Бундестаг и вели дека таа била пример „за наметнување на главниот наратив на политичките кругови и медиумите во РСМ за односите со Бугарија, во кој доминира тезата дека нашата земја не го прифаќа современиот идентитет на Северна Македонија. Сепак, факт е дека Бугарија никогаш не го оспори правото на граѓаните на Северна Македонија да го дефинираат својот модерен идентитет и да го нарекуваат својот официјален јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на државата врз антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година“.

Бидејќи Бундестагот ја повикува Бугарија да не поставува дополнителни услови за прием на Македонија во ЕУ Радев нагласува дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е „само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство. Сепак, тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија“.

Тој додава дека Скопје не направило нешто од она на што потсети Европскиот совет во јули 2022 и од двата протоколи од состаноците на меѓувладината комисија.

Во писмото, како и во една изјава претходно, Радев се жали дека македонската дипломатија и властите лобирале при изготвувањето на извештајот на Европскиот парламент за нашата земја.

„Индикативен е и случајот со изготвениот извештај на Европскиот парламент за извештајот на ЕК за РСМ за 2022. Во интервјуто на 23 мај, министерот за надворешни работи на РСМ јавно изјави дека имал контакти со европратеници од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент и влијаел на нацрт-текстот на извештајот, директно учествувајќи во процесот на изработка на нацртот со писмени предлози. Никогаш досега не ѝ било дозволено на земја кандидат за членство да има вакво влијание врз работата на европските институции. Друг пример за лобирачката политика на Скопје е најавата на шефот на дипломатијата дека другите земји членки имаат намера да излезат со декларации слични на резолуцијата на германскиот Бундестаг“, вели бугарскиот претседател.

Најпосле, шефот на бугарската држава изразува уверување дека Бугарија и другите земји-членки на ЕУ можат со заеднички напори да ги поддржат интегративните процеси на Република Северна Македонија, кои се фокусираат на постигнување на критериумите за членство, со посебен акцент на човековите права и принципи на добрососедство. (Н.В.)