Румен Радев очекува Македонија да покаже „европска зрелост“
Бугарскиот претседател во разговорот со германскиот претседател Штајнмаер повторно се вратил на старите барања на Софија за историски спорови
Бугарскиот претседател Румен Радев му рекол на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер дека Македонија во билатералните разговори треба да покаже „европска зрелост“ и да ги почитува вредностите на ЕУ. Радев и Штајмаер се сретнаа во Стразбур и разговараа за европската перспектива на Македонија, како и за безбедноста во соседните региони на ЕУ.
Според соопштението на кабинетот на Радев, тој изразил очекување во дијалогот со македонија да се решат спорните прашања во билатералните односи. „Румен Радев посочи дека нашиот југозападен сосед треба да покаже европска зрелост и почитување на вредностите на ЕУ со преземање конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции, јавните медиуми, за да се запрат фалсификациите на бугарската култура и историско наследство и особено за почитување на правата на своите граѓани, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет“, стои во соопштението.
Радев во последните месеци на неколку пати се обидуваше да го префрли фокусот од историските прашања кон почитувањето на човековите права на македонските Бугари, но според денешното соопштение тој се врати на старите барања на Софија за историски спорови.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, одговарајќи денеска на новинарско прашање во Штип околу македонско-бугарските односи, Ангелов рече дека прво треба да се формира новата влада во Софија, а потоа да се изнаоѓа решение.
„Разговорите продолжуваат и тие никогаш не запреле. Се разбира, тие се доверливи, помеѓу двете министерства за надворешни работи. Сега се надеваме дека ќе имаме нова влада. Утре е првата седница на новиот парламент во Бугарија и се надевам дека новата политичка влада ќе се договори со Владата на РСМ“, рече Ангелов.
Според него, Договорот за добрососедство не се спроведува и „тоа е целиот проблем. Ние инсистираме тој да се спроведе во целост и во сите аспекти“, рече бугарскиот дипломат.
Тој беше запрашан за правата на македонското малцинство во Бугарија, на што Ангелов одговори дека „Бугарија, како и Франција, не признава малцинства во својот Устав. Сите граѓани се еднакви пред законот. Не признаваме колективни туку индивидуални права. Секој има индивидуално право да се чувствува како што сака и никој не може да му го забрани тоа. Не можеме да го забраниме правото на здружување. Има еднас неодржлива теза дека ние некогаш сме тврделе дека има бугарско малцинство во РСМ“, рече Ангелов. (Н.В.)