Рубио: Коментарите на Трамп за Газа не беа непријателски, тој сака да ја обнови
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Доналд Трамп само предложил САД да ја преземат одговорноста за обновата на Газа, а не трајно да ја преземат контролата врз областа, пишува „Гардијан“.
Трамп вчера, во изјава заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, повика на преселување на два милиони Палестинци од Газа во соседните земји.
Рубио на денешната прес-конференција во Гватемала Сити рече дека предлогот на Трамп „не бил замислен како непријателски чин“.
– Единственото нешто што го направи претседателот Трамп – што според мене е многу великодушно – е што ја понуди подготвеноста на Соединетите Држави да се вмешаат, да ги отстранат урнатините, да го исчистат местото од целото уништување … за луѓето потоа да можат да се вратат, рече Рубио.
Тој додаде дека Трамп сака да поддржи „обнова на домови и бизниси и слични работи, за луѓето да можат да се вратат“.
Рубио ја опиша Газа како „област слична на природна катастрофа“, каде што луѓето не можат да живеат поради неексплодирани смртоносни средства, урнатини и отпад.
– Во меѓувреме, луѓето очигледно ќе мора да живеат некаде додека Газа се обновува, заклучи тој.