Рубио ги обвини Никарагва, Венецуела и Куба дека предизвикуваат миграциска криза


Државниот секретар на САД, Марко Рубио синоќа ги обвини владите на Никарагва, Венецуела и Куба дека се „непријатели на човештвото“ и оти предизвикуваат миграциска криза во регионот.

– Овие три режими кои постојат во Никарагва, Венецуела и во Куба се непријатели на човештвото и создадоа миграциска криза. Да немаше такви режим, немаше да има миграциска криза на хемисферата. Ја создадоа бидејќи тоа се земји чии системи не функционираат, истакна Рубио на прес-конференција во Костарика.

На изјавата на Рубио, кој е син на кубански мигранти, реагираше претседателот на Куба, Мигел Дијас-Канел истакнувајќи оти „повторно дрскост ги зафаќа циничните американски политичари“.

– Докажано е дека миграцискиот егзодус во Куба е пропорционален со влошувањето на блокадата што го лишува нашиот народ од основните добра. Човештвото е во опасност поради вашиот неофашизам, истакна Дијас-Канела.